• петок, 22 ноември 2024

Стано: Прашањето за мостот на Ибар е дел од дијалогот меѓу Србија и Косово, треба да се спречи нова криза

Стано: Прашањето за мостот на Ибар е дел од дијалогот меѓу Србија и Косово, треба да се спречи нова криза

Брисел, 31 мај 2024 (МИА) - Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, денеска во Брисел изјави дека прашањето за отворање на главниот мост на Ибар во Митровица е дел од дијалогот меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ со цел „да се спречи нова криза“.

На предлог на советник на владејачката партија Самоопределување, Собранието на општина Митровица минатата недела зад затворени врати донесе одлука за отворање на главниот мост на реката Ибар, што го дели јужниот од северниот дел на градот, по што Српска листа, најголемата политичка партија на косовските Срби, соопшти дека мостот не може да се отвори без согласност на српската заедница.

Стано на прес-конференцијата рече дека „ова прашање е предмет на два договори во дијалогот со посредство на ЕУ во 2015 и 2016 година. И се додека ова е прашање што припаѓа на дијалогот што го води ЕУ, за преговорите и секоја одлука во врска со мостот треба да се разговара и да се донесат одлуки во рамките на дијалогот, со учество на претставници на двете страни - Косово и Србија“.

Тој додаде дека и покрај напорите низ годините да се постигне договор, мостот останал затворен за моторни возила и повторно ги повика страните да ги спроведат договорите.

-Значи, неисполнетите обврски од договорот мора да се спроведат без одлагање, а тоа важи и за прашањето за мостот, но и за Договорот за патот кон нормализација на односите, рече Стано.

Тој посочи дека едностраните акции „го оттргнуваат фокусот од спроведувањето на обврските од Договорот за нормализација на односите, што „треба да биде прв приоритет“.

-Заинтересирани сме да спречиме нова криза, доста ни е од кризи, а има многу малку решенија и чекори кои водат кон смирување, рече Стано.сд/

фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан