• петок, 22 ноември 2024

ССМ: Наќе Георгиев е еден од тројцата судии на срамната пресуда за конфискацијата на Работничкиот дом

ССМ: Наќе Георгиев е еден од тројцата судии на срамната пресуда за конфискацијата на Работничкиот дом

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека утврдувањето на одговорност и признанието на Наќе Георгиев за сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ е уште една потврда дека довербата во судството мора да се врати, а за почеток, како што потенцираат, со издвојување на совесните судии од не совесните, на издвојување на судиите со стручност и интегритет од судиите криминалци.

-Еден од судиите кои ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом, Наќе Георгиев ќе лежи затвор три години поради организиран криминал и корупција, односно примање на мито за влијание во судството иако претходно истиот судија тврдеше дека тоа е лага! ССМ кога се објави пресудата за конфискација на Работничкиот дом предупреди дека се сомнева на влијание, организиран криминал и корупција при носењето на срамната Пресуда донесена од тројца судии помеѓу кои и Наќе Георгиев, соопштија од ССМ.

Од ССМ потенцираат дека со оваа Пресуда, за нечии политички, бизнис и олигархиски интереси го конфискуваа Работничкиот дом кој е граден од работниците, од синдикална чланарина на нивните членови.
 
-Признанието на Наќе Георгиев за поткуп кој заедно со други двајца судии ја донесоа срамната Пресуда и фрлија црна дамка на Врховниот суд како и на Македонија како држава, отвара уште поголем сомнеж за мотивите за донесувањето на Пресудата за конфискацијата на Работнички дом, па работниците и јавноста во Македонија и пошироко очекуваат правото и правдата да победат и што поскоро Работничкиот дом да биде вратен на работниците и ССМ или најмалку, процесот да биде вратен на повторно одлучување пред пониските судови, особено сега, кога Врховниот суд и Врховните судии се ослободени од влијанието на овој корумпиран судија, се вели во соопштението на ССМ.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска склучи Предлог – спогодба со осомничениот судија во Врховен суд, Наќе Георгиев, за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Георгиев прифатил да му биде изречена казна затвор од три години, и забрана за вршење на професија.

Како што информираа од ОЈО ГОКК, потпишувајќи ја предлог – спогодбата осомничениот Наќе Георгиев не спори дека го сторил кривичното дело и имајќи ја предвид запретената казна затвор од една до десет години за ова кривично дело, прифатил да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години. бт/aa/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан