• вторник, 17 декември 2024

ССМ и бизнисот ги изнесоа барањата пред владиниот Економски совет, мерки очекуваат оваа или идната недела

ССМ и бизнисот ги изнесоа барањата пред владиниот Економски совет, мерки очекуваат оваа или идната недела
Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - Мерките за полесно справување со енергетската криза да се донесат до крајот на оваа недела или најдоцна до идната среда, се договорија денеска бизнисот и Владата. Од седницата на Економскиот совет не произлегоа конкретни одлуки. Компаниите ги повторија своите барања, а барања изнесе и Сојузот на синдикатите (ССМ). Претставниците на стопанските комори, како што соопштија по седницата на Економскиот совет, очекуваат дека ТЕ-ТО ќе се стави во функција и дека ќе произведува струја поевтина од берзанската. - Нашите мерки веќе ги соопштивме, да се ограничуваат маржите на производителите на струја. Се согласивме во иднина во делот на можното снабдување со струја од странство и производството во нашата држава да се направи калкулирање, да се најде просекот и тој просек да се сподели. Ако е нашето прозводство 100 евра по мегават час, а увозната струја 300 евра, тој просек да се подели и компаниите да плаќаат струја на слободниот пазар по пониска цена од берзанската, изјави претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа. Според претседателот на Соузот на стопански комори (ССК), Трајан Ангелоски, можеби за сите 1 700 компании нема да има доволно енергија. - Се разговараше ако се направат одредени комбинации со вклучување на ТЕ-ТО и обновливите извори на енергија, да се добие цена од 300 евра која државата на некој начин би ја понудила на реалниот сектор и таа би била фиксна. Можеби за сите 1700 компании нема да има доволно енергија, ќе се види кој може да издржи, тоа е индивидуално, рече Ангелоски. Да се изнесе реалната ситуација и да се промени методологијата на поддршка, побара првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој денеска беше еден од учесниците на состанокот на владиниот Економски совет во проширен состав, на која околу три часа се разговараше за енергетската криза и мерките, кои Владата би требало да ги преземе за да се ублажи ценовниот удар. - Да ни се каже реалната ситуација и да се промени методологијата на поддршка. Тоа значи да се биде сега и веднаш. Тоа нас не чини, бизнисот е менлива категорија и зависи од берзите од многу елементи, истакна Азески. Според него, натамошната ескалација на енергетската криза ќе има негативен ефект кај 20-тина отсто од компаниите, кои и заради други причини не можеа да ги пребродат работите. ССМ бара повторно да се воведе мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи, како и платите во државата да го следат порастот на инфлацијата, но и порастот на синдикалната кошница. - ССМ бара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата како и утврдување на ваква одредба во општиот колективен договор за јавен сектор и општиот колективн договор за приватен сектор која ќе с еоднесува за сите работници и работодавачи, бара проширување на досегашни антикризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти како и проширување на повеќе прехрамбени продукти, но бара и повторно да се воведе мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза, истакна претседателот на ССМ Дарко Димовски. Тој објасни дека се бара да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (48.230,00 денари). Исто така, бараме да бидат опфатени и категориите на средношколци и студенти кои се школуваат надвор од местото на живеење со субвенционирање на дел од трошоците од нивното сместување. - ССМ бара и да се овозможи бесплатен градски превоз до и од работа со оглед дека таквиот трошок за вработените граѓани е секојдневен и неизбежен, а несомнено го оптеретува домашниот буџет, дополни Димовски. Академик Таки Фити изјави дека земјава се најде во тешка ситуација, затоа што немаме доволна домашно производство на енергија, туку сме увозно зависни. - Со години тука не е инвестирано ништо и сега треба да го решаваме проблемот ваков каков што е, а ситуацијата станува се потешка со ограничен фискален простор и опасност во светски размери, рече Фити. Според него, најлошата варијантана на економска криза е онаа која значи едновремено паѓање на производството и класична рецесија, меѓутоа и релативно високи стапки на инфлација и високи стапки на невработеност. - Оваа година ние нема да влеземе во таков тип на рецесија. Ќе видиме како ќе биде до година, бидејќи се зависи од тоа што ќе се случува со цената на енергијата, а нема шанси брзо да заврши војната во Украина, додаде Фити. Според поранешниот министер за финансии Никола Поповски, пак, светот денес е соочен со избор или да ја зачува макроекономската стабилност, што значи ниски цени и валутни односи и ниска инфлација или да жртвува дел од растот. - Мое мислење е дека во моментот треба да води сметка за ценовата стабилност, бидејќи растот и да се изгуби за еден-два три квартали, тоа не значи ништо, тој ќе се врати. Но, ако се наруши ценовата стабилностна долг рок, сите квартали во идните години ќе бидат со економски проблеми, изјави Поповски. Според него, тоа е приоритетно, но сепак конечната одлука ќе треба да ја донесе Владата. На седницата на Економскиот совет присуствуваа и претставници од МАНУ и универзитетите. мч/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан