• недела, 22 декември 2024

Српскиот премиер ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво Горан Весиќ

Српскиот премиер ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво Горан Весиќ

Белград, 5 ноември 2024 (МИА) – Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ и додаде дека не се сомнева оти министерот не е субјективно виновен за тоа што се случи во Нови Сад.

Вучевиќ за Радио телевизија на Србија изјави дека одлуката на Горан Весиќ е чин на сериозен човек, кој е свесен дека кога извршува важна функција го има и товарот на одговорност.

-Не се сомневам дека Горан Весиќ субјективно не е виновен за ништо што се случи на 1 ноември во Нови Сад, рече Вучевиќ и додаде дека Весиќ е објективно одговорен бидејќи тој раководи со тој оддел.

„Јас ќе, а имавме и неколку телефонски разговори претходните денови, ќе ја прифатам неговата оставка со благодарност за се што направи за време на мандатот на оваа и на претходната влада. Не можам да кажам дека не си ја завршил добро работата, но во политиката има одговорност за работи за кои вие лично не сте виновни. Јас ја разбрав неговата порака и оставка“, рече Вучевиќ.

Премиерот додаде дека би било нелогично се да заврши со оставка на министерот Горан Весиќ.

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ синоќа најави дека ќе поднесе оставка, по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан