Средби на замениците МНР на Грција и Турција
- Во рамките на разговорите за т.н. позитивна агенда и во процесот на политичкиот дијалог надлежните заменици-министри за надворешни работи на Грција и Турција денеска и утре во Атина ќе одржат средби, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 2 декември 2024 (МИА) – Во рамките на разговорите за т.н. позитивна агенда и во процесот на политичкиот дијалог надлежните заменици-министри за надворешни работи на Грција и Турција денеска и утре во Атина ќе одржат средби, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР соопштија дека заменик-министерот за надворешни работи Костас Франкојанис и неговиот турски колега, амбасадорот Мехмет Кемал Бозај, денеска ќе го одржат седмиот круг од грчко-турски разговори за позитивната агенда, односно билатералната соработка во повеќе области, а за утре е закажан третиот состанок од процесот на политички дијалог меѓу Министерствата за надворешни работи на Грција и Турција, кој го водат заменичката шеф на дипломатијата Александра Пападопулоу и амбасадорот Бозај.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Франкојанис и Бозај ќе го соопштат и официјалниот почеток на „Хакатон Турција-Грција 2024-25“, натпревар меѓу младите на возраст од 18-35 години од двете земји кој има за цел да промовира иновативност, соработка и меѓусебно разбирање, а темата ќе бидат паметни градови.
Натпреварот како што пишува АНА-МПА ќе заврши на крајот од февруари, последната фаза ќе се одржи во Турција, а церемонијата на доделување на наградите во Атина. ср/