Средба на претставници на Транспортната заедница со членови на две собраниски комисии: Прилагодување на законите за поефикасно интегрирање во транспортниот систем на ЕУ
- Директорот на Меѓународната организација - Транспортна заедница, Матеј Закоњшек денеска ги презентираше извештаите и активностите на оваа меѓународна организација пред членови на собраниските комисии за европски прашања и за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Скопје, 2 јули 2025 (МИА) - Директорот на Меѓународната организација - Транспортна заедница, Матеј Закоњшек денеска ги презентираше извештаите и активностите на оваа меѓународна организација пред членови на собраниските комисии за европски прашања и за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Како што информираат од собраниската прес-служба, во дискусијата со пратениците била истакната важноста од интегрирањето на земјава и на целиот регион на Западен Балкан во транспортниот систем на Европската Унија. Притоа, Закоњшек посочил дека овој процес се базира на два клучни столба - законодавство и проекти.
Во овој контекст, било посочена важноста од прилагодување на законите со регулативата на ЕУ од оваа сфера, како во земјава, така и во другите пет држави од Западен Балкан. Од тој аспект на средбата е потенцирано дека клучна улога имаат парламентите.
Во однос на проектите за подобрување на транспортната мрежа, пак, било нагласено дека некои од нив се спроведуваат позабавено, поради неприспособеност на дел од регулативата.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски напоменал дека би било добро да се воспостави редовна комуникација меѓу Собранието и Транспортната заедница, за пратениците да бидат поинформирани за сите нови извештаи, проекти или активности. Тој нагласил дека меѓу пратениците од различни пратенички групи нема разлики во однос на перцепцијата за важноста од транспортното поврзување на регионот и со ЕУ.
Милошоски, исто така, посочил на важноста од јакнење на човечките ресурси за управување со проектите и процесите од областа на транспортот.
Во рамки на Презентацијата, како што посочуваат од Собрание, претставниците на Транспортната заедница и пратениците од двете комисии разговарале и за вклученоста на регионот во железничките инфраструктура на ЕУ, за патната мрежа и бенефитите од зелените коридори, како и за можностите за понатамошно олеснување на сообраќајот на граничните премини.
Соговорниците, исто така, се осврнале на значењето на коридорите 8 и 10, а размениле и мислења за важноста од поголема контрола на патиштата и од воспоставување повисоки стандарди за безбедност во сообраќајот.
Од собраниската прес-служба соопштуваат дека било заклучено дека Транспортната заедница е клучна алка во координирањето на овие процеси, чие спроведување носи придобивки за граѓаните и за бизнисите во регионот.фф/вј/
Фото: Собрание