Средба на претседателот Пендаровски со претседателот и судиите на Уставниот суд
- На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати информирал за прашањата коишто се од значење за остварувањето на уставната позиција на Уста
Скопје, 12 март 2021 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претседателот, судиите и генералниот секретар на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати информирал за прашањата коишто се од значење за остварувањето на уставната позиција на Уставниот суд, за кадровската екипираност на судот со стручни соработници, за тековните предизвици со кои се соочуваат, како и за постапките за заштита на слободите и правата на граѓаните.
-На средбата беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочија судиите при оценувањето на одлуките за утврдување на постоење на вонредна состојба и уредбите со законска сила за време на вонредната состојба. Во таа насока, судиите ги споделија нивните размислувања и за најавениот Закон за вонредна состојба, се наведува во соопштението.
Претседателот Пендаровски, како што посочуваат од неговиот кабинет, изразил поддршка за независноста во работата на Уставниот суд и целосна подготвеност за соработка со нив, а во насока на изградба на нашата држава во модерна демократија, заснована на владеењето на правото и уставноста и законитоста во работата на институциите на јавната власт. Претседателот истакнал дека, како и досега, така и во иднина ќе постапува исклучиво во рамки на своите права, должности и надлежности, во согласност со уставните одредби и почитувајќи го Уставот на Република Северна Македонија.
Соговорниците споделиле информации и околу предлогот за воведување на т.н. уставна жалба и проширувањето на надлежноста на Уставниот суд во заштитата на човековите права и слободи преку амандмани на Уставот, како и за евентуално носење на Закон за Уставен Суд.
На средбата, како што е наведено во соопштението, била потенцирана важноста на меѓународната соработка на Уставниот суд и размената на знаења и искуства со европските уставни судови, како и финансиската самостојност на Уставниот суд, како нужен предуслов за негово квалитетно работење и развој. дма/ац/