• недела, 23 февруари 2025

Средба на министерот Муртезани со амбасадорот на Словачка

Средба на министерот Муртезани со амбасадорот на Словачка

Скопје, 10 јануари 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се сретна со амбасадорот на Словачка, Хенрих Маркуш. Средбата, како што велат од Министерството за европски прашања, се одржала во духот на заемната соработка и пријателските односи меѓу двете земји, а главна тема на дискусијата бил процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската унија, при што биле разменети мислења за актуелните предизвици и перспективите на земјата во овој контекст.

Министерот Муртезани ја истакнал посветеноста на Владата во спроведувањето на реформите коишто се од клучно значење за забрзување на интегративниот процес.

Од страна на амбасадорот Маркуш била потенцирана поддршката на Словачка за евроинтегративните аспирации на Северна Македонија, како и интересот за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји.

Амбасадорот, исто така, истакнал дека Словачка има голем потенцијал за развојна соработка и поддршка на земјите во развој и изразил уверување дека постои добар потенцијал за проширување на билатерална соработка во оваа насока.

Бидејќи Северна Македонија е меѓу партнерските региони на SlovakAid, заедно со останатите земји од Западен Балкан, велат од Министерството за европски прашања, ова дава простор за подлабока и проширена соработка на регионално ниво.

На средбата, исто така, биле разгледани можности за засилена соработка во повеќе области од заеднички интерес, со цел понатамошно унапредување на врските меѓу Северна Македонија и Словачка. сст/бак/

Фото: Министерство за европски прашања

Остани поврзан