Средба Муртезани - Доти: Реафирмирана посветеноста на Обединетото Кралство на стабилноста, развојот и европската перспектива на Северна Македонија и поширокиот регион
- Билатералната развојна соработка, која претставува еден од најзначајните столбови на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, како и најактуелните политички случувања во регионот на Западен Балкан и значењето на Берлинскиот процес како клучна политичка и развојна рамка за зајакнување на регионалната соработка, биле во фокусот на билатералната средба на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Лондон со државниот министер за Европа, Северна Америка и прекуморските територии на Обединетото Кралство, Стивен Доти, на маргините на Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.
Скопје, 22 октомври 2025 (МИА) - Билатералната развојна соработка, која претставува еден од најзначајните столбови на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, како и најактуелните политички случувања во регионот на Западен Балкан и значењето на Берлинскиот процес како клучна политичка и развојна рамка за зајакнување на регионалната соработка, биле во фокусот на билатералната средба на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Лондон со државниот министер за Европа, Северна Америка и прекуморските територии на Обединетото Кралство, Стивен Доти, на маргините на Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.
Посебен акцент на разговорот, како што информираат од МЕП, бил ставен на билатералната развојна соработка, која претставува еден од најзначајните столбови на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.

Доти ја реафирмирал посветеноста на Обединетото Кралство на стабилноста, развојот и европската перспектива на Северна Македонија и поширокиот регион, истакнувајќи дека и по напуштањето на Унијата, Обединетото Кралство останува силен поддржувач на европската интеграција на Западен Балкан. Во тој контекст, тој ја поздравил динамиката на реформските процеси во земјата и ја потврдил подготвеноста за натамошно проширување на партнерството, особено во областа на инфраструктурата, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
Муртезани и Доти констатирале дека воспоставеното стратешко партнерство претставува ново поглавје во билатералните односи, кое ќе овозможи понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, заедничките проекти и координираните активности во рамките на НАТО, Берлинскиот процес и европските интегративни иницијативи.
Средбата, како што информираат од МЕП, претставувала можност за потврдување на континуираната поддршка што Обединетото Кралство ѝ ја пружа на Северна Македонија во процесот на европската интеграција, како и за продлабочување на соработката во рамките на стратешкото партнерство меѓу двете земји.

Муртезани и Доти размениле мислења за најактуелните политички случувања во регионот на Западен Балкан и за значењето на Берлинскиот процес како клучна политичка и развојна рамка која повеќе од една деценија придонесува за зајакнување на регионалната соработка, економската поврзаност и усогласувањето со европските стандарди. Министерот Муртезани ја потенцираше важноста на оваа иницијатива како механизам кој овозможува конкретни проекти во областа на инфраструктурата, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната поврзаност и социјалната кохезија, нагласувајќи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на целите на Берлинскиот процес и на европската иднина на целиот регион.
На средбата, Муртезани се заблагодарил и за континуираната британска поддршка, која во изминатата деценија резултираше со спроведување на над 160 проекти финансирани од британскиот буџет во различни области: од добро владеење, јавна администрација, и владеење на правото, до промоција на мултикултурализмот и инклузијата. Истовремено беше истакната и успешната соработка во рамките на TWINNING проектите со британски партнери во областа на полициските реформи, контролата на државната помош и зајакнувањето на институционалните капацитети за еднаквост и правична застапеност. Министерот посочи дека британската поддршка во кризни периоди, како за време на мигрантската криза и пандемијата со COVID-19, е доказ за трајното пријателство и партнерство меѓу двете земји. аа/вј/
Фото: МЕП