• сабота, 14 февруари 2026

Мицкоски - Схоф: Македонија има силен сојузник во Холандија за евроинтегративниот пат

Мицкоски - Схоф: Македонија има силен сојузник во Холандија за евроинтегративниот пат

Скопје, 14 февруари 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска, во рамки на посетата на Минхен, остварил средба со холандскиот премиер, Дик Схоф, на која, како што објави „добивме јасна потврда дека Македонија има силен сојузник во Холандија за нашиот евроинтегративен пат, базиран на реални резултати и реформи“.

-​Денеска во Минхен остварив продуктивна средба со холандскиот премиер, Дик Схоф. Холандија не е само наш искрен пријател, туку и еден од нашите најзначајни економски партнери. Добивме јасна потврда дека Македонија има силен сојузник во Холандија за нашиот евроинтегративен пат, базиран на реални резултати и реформи, објави на Фејсбук Мицкоски.

На средбата, како што посочува Мицкоски, било разговарано за холандските инвестиции кои веќе се присутни со свои производствени капацитети во Македонија, исто така и за можноста за поголема соработка и инвестиции на холандски компании во сферата на здравството.

-​Продолжуваме да ја градиме Македонија како атрактивна дестинација за европскиот капитал. Секоја нова инвестиција значи нови работни места и подобар стандард за нашите граѓани, објави Мицкоски.

Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски. аа/бк/

Фото: Фејсбук

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан