• сабота, 23 ноември 2024

Србија, Хрватска и БиХ во битка против африканска свинска чума

Србија, Хрватска и БиХ во битка против африканска свинска чума

Белград, 1 август 2023 (МИА) - Во последните два месеци, одгледувачите на свињи во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина  беа принудени да убијат илјадници свињи поради појавата на африканска свинска чума (АСЧ), а властите преземаат мерки и издвојуваат средства за поддршка на овој сектор.

АСЧ не е опасна за луѓето, но е многу заразна и смртоносна за домашните и дивите свињи. Ширењето на болеста започна во Африка и се прошири во Европа и Азија, при што веќе се заклани стотици милиони свињи, што сериозно влијае на економската состојба не само на одгледувачите, туку и на преработувачите во секторот.

Во Србија, речиси 18.000 свињи се евтанизирани во фармите каде што е регистрирана АСЧ од почетокот на годинава, објави минатата недела српското Министерство за земјоделство, шумарство и вода. До минатиот петок потврдени се 1.569 случаи на заболени кај домашни свињи во 1.068 стопанства на територијата на 32 општини во 13 региони во Србија.

Од почетокот на годината, во Србија се потврдени вкупно 337 случаи на АСЧ кај диви свињи.

Ветеринарната служба, преку ветеринарните организации на терен, ја следи здравствената состојба и врши постојан надзор на АСЧ кај популацијата на домашни и диви свињи на територијата на Србија и презема интензивни мерки за спречување на ширењето на заразната болест, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството.

Доколку ширењето на болеста продолжи со ова темпо и опфати големи фарми, Србија може да остане без ниту една свиња, предупредуваат претставниците на преработувачката индустрија, цитирани од ТВ Н1.

Во Србија во моментов има многу жаришта на болеста, а добро е што таа се уште не стигнала до големите фарми. Зараза има кај индивидуални мали фарми кои немаат заштитни и превентивни мерки. Но, можеме да очекуваме дека болеста ќе ги опфати и големите фарми, а последиците ќе бидат катастрофални, оценуваат од новосадската компанија „Индустрија меса „Матиевиќ“.

Според новинарот и аналитичар Бранислав Гулан, повеќето свињи се уништени благодарение на Владата со лошите одлуки и менаџирање, бидејќи таа не реагирала кога болеста се појавила во Унгарија, Романија и преминала во Србија. Првиот случај на АСЧ во Србија е регистриран во 2019 година.

Свињарите во Хрватска веќе еден месец ги трпат последиците од АСЧ. Од првиот случај на болеста во земјата, регистриран на 26 јуни, досега повеќе од 180 фарми имаат потврдено заболени. Речиси 5.000 свињи се еутаназирани, објавија хрватските медиуми.

Хрватската министерка за земјоделство Марија Вучковиќ минатиот месец објави дека владата обезбедила помош од 7,5 милиони евра за фармерите чии свињи биле убиени поради АСЧ.

Дополнително, минатата недела ресорното одделение презентираше и предлог за програма вредна пет милиони евра за поддршка на секторот на свињарство, а средствата ќе бидат наменети за покривање на загубите предизвикани од мерките за борба против АСЧ.

Наспроти ова, Европската комисија во јули објави дека Хрватска мора да се погрижи свињите од областите заразени со АСЧ да не смеат да преминуваат во други земји-членки на ЕУ или трети земји.

За еден месец 13.000 свињи се убиени во Босна и Херцеговина поради АСЧ. Болеста прво е регистрирана во јуни во Република Српска, а потоа и во Федерацијата Босна и Херцеговина.

На 10 јули беше прогласена вонредна состојба на територијата на неколку општини во североисточна Босна поради ширење на заразата.

Министерството за земјоделство на Република Српска издвои околу 3,5 милиони конвертибилни марки за обештетување и поддршка на одгледувачите на свињи чии животни беа ликвидирани, објави одделот на својата веб-страница.

На 10 јули Кина забрани увоз на свињи од Босна и Хрватска.

Претставниците на ветеринарните служби на Босна, Хрватска и Србија се состанаа минатата недела за да разговараат за проблемот со АСЧ и заедно се договорија да побараат финансиска помош од Европската комисија и Светската здравствена организација за нивните фармери.

На средбата експертите посочија дека АСЧ најверојатно ќе се прошири по реката Сава.

- Епидемиолошките студии и изолацијата на вирусот покажаа дека истиот вирус циркулира во целиот регион – од Грција, Бугарија, Србија до Хрватска – така што само со заеднички пристап и сили можеме успешно да дејствуваме, потенцира Татјана Карачиќ, директорка на Хрватската ветеринарна служба. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан