• петок, 22 ноември 2024

Спроведено истражување за работата на студентските собранија при УКИМ

Спроведено истражување за работата на студентските собранија при УКИМ
Скопје, 26 февруари 2021 (МИА)- Под наслов „Една година студентски претставници – Анализа на работата на студентските собранија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ Младински образовен форум спроведе истражување за работата на универзитетското и факултетските студентски собранија.

Како што се наведува во соопштението од МОФ целта на истражувањето е да обезбеди анализа на работата на студентските собранија и студентските претставници во изминатата академска година.

-Податоците со кои располага ова истражување се однесуваат до ноември 2020 година, односно една година по официјалното составување на првото универзитетско и факултетските собранија на УКИМ по воспоставувањето на новиот модел на организирање, согласно новиот Закон за високото образование. Резултатите од истражувањето упатуваат на информации дека студентите се информирани и запознаени со работата на нивните факултетски и универзитетски студентски собранија, но речиси половина од нив не се задоволни со работата на универзитетското студентско собрание и сметаат дека нивните студентски претставници не работат квалитетно и транспарентно, соопшти МОФ. Со цел да се подобри работата на овие тела, Младински образовен форум креирал препораки кои произлегуваат од самото истражување и се однесуваат на подобрување на транспарентноста на работата на собранијата, зголемен и поедноставен пристап до финансиите кои им се достапни на овие тела и подобрување на соработката помеѓу универзитетските, односно факултетските тела и телата на универзитетот.

-Постои значително поместување во транспарентноста и квалитетот на работа меѓу старото претставничко тело и новите студентски и универзитетски студентски собранија, но потребна е дополнителна работа. Јас лично не сум целосно задоволен од работата на собранијата и мислам дека нашата работа можеше да биде подобрена особено во поглед на транспарентноста, внатрешната организација и координација меѓу телата и начинот на кој беа искористени финансиите на овие тела, вели Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетско-студентско собрание.

Истражувањето е активност во рамки на проектот „Ангажирање на младите за студентски и младински политики поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија.свс/лв/  

Остани поврзан