• петок, 10 мај 2024

Спортскиот директор на Барселона: Клоп е врвен тренер, но ние имаме повеќе кандидати

Спортскиот директор на Барселона: Клоп е врвен тренер, но ние имаме повеќе кандидати

Барселона, 5 февруари 2024 (МИА) – Ливерпул и Барселона моментално се во слични ситуации во однос на стручниот штаб. Јирген Клоп и Чави речиси истовремено најавија дека ќе се повлечат од тренерските обврски на крајот на сезоната, а засега не се знае кој ќе ги води тимовите на англискиот и каталонскиот гигант по летото.

Јавна тајна е дека Ливерпул ќе направи се за да ја доведе својата играчка легенда Чаби Алонсо на тренерската клупа, кој одлично си ја врши работата на клупата на Баер Леверкузен, додека потрагата по следниот тренер на Барселона ја води Деко, поранешна португалска ѕвезда по потекло од Бразил.

Шпанските медиуми пишуваат дека најголема желба на Деко е токму Германецот да дојде на „Камп Ноу“.

-Клоп е врвен, врвен тренер, но сега не е време да разговараме за тоа. Имаме многу опции, но ќе разговараме подоцна за прашањето за тренерот, вели Деко во интервју за „Ла Вангвардија“.

Откако Чави најави заминување од клупата на Барселона, се шпекулира за неколку кандидати за негов наследник. Покрај Клоп, се споменува и Мексиканецот Рафа Маркез, кој моментално е тренер на Б тимот на Барселона, а голем дел од својата играчка кариера ја мина во Барселона.

Други кандидати се тренерот на Жирона, Мишел, како и шефот на Болоња, Тиаго Мота, кој во минатото играше за Барселона. дс/јт/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан