• петок, 22 ноември 2024

Спасовски ја посети македонската амбасада во Хаг

Спасовски ја посети македонската амбасада во Хаг
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - Во рамки на посетата на Кралство Холандија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја посети и македонската амбасада во Хаг. На неговиот фејсбук профил Спасовски меѓу другото информира дека МВР има отпочнато иницијатива за што поскоро финализирање на постапката за признавање на македонските возачки дозволи и во Холандија. Би сакал да се заблагодарам на нашата амбасадорка во Холандија,Бети Јачева, за топлото добредојде и за приемот на делегацијата од МВР, напиша на неговиот фејсбук профил Спасовски. На ваквите средби со нашите официјални претставници, посочува Спасовски, посебно е важно да се слушне кои се потребите и размислувањата на нашите граѓани во странство, а кои тука, во Холандија, се во поголем број, односно околу 15.000 лица. - Токму поради тој факт, би сакал да информирам дека како МВР веќе отпочнавме иницијатива и со амбасадорката Јачева активно соработуваме за што поскоро финализирање на постапката за признавање на македонските возачки дозволи и во Холандија како еден од приоритетите за коишто, меѓу другото, стана збор на оваа средба, а во насока на одговор на потребите за подобрување на условите на нашите граѓани тука, објави на фејсбук министерот Спасовски. Тој ја искористил приликата да ја презентира Монографијата „МВР ЗА ГРАЃАНИТЕ 2017-2021”, како сведоштво за еден историски моментум каде реформите на МВР не беа прашање на избор, туку, како што напиша на фејсбук, суштинска неопходност за овој раководен тим, кој во тоа виде перспектива за своите граѓани, но и за вработените, кои преку подобри услови за работа добија поголема мотивација за остварување на што повисоки резултати во полициското работење. цр/са/

Остани поврзан