• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски од Гумење: Најдобриот начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш

Спасовски од Гумење: Најдобриот начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш
Скопје, 2 август 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој по повод националниот празник Илинден се обрати од пред споменикот Македониум, истакна дека тој претставува симбол на непокороноста, борбата, вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава. Во куполата на споменикот се наоѓа и гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев. -Првиот Илинден - симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедување, отсликан во првата Република на Балканот - Крушевската и нејзините славни ѕидари, во Крушевскиот манифест, војводите и комитите, спомен обележјата околу нас, тука во Крушево. И вториот, оној на АСНОМ, кој ни донесе остварување на идеалите на Илинденците, како симбол на победата над фашизмот, на успешната борба за ослободување од вековното ропство, на хероите – партизани, на Прохор Пчињски, Пелинце и секаде каде што историјата оставила свој печат како паметник за идните генерации. Денеска сме тука да си приспомнеме на херојството на нашите претци, на нивните дела и да им се оддолжиме, рече Спасовски. Денеска, додаде тој, имаме зошто да празнуваме – не’ грее сонцето на слободата, ја градиме државата на темелите на заедништво и разбирање кои тие, нашите претци ги поставија, нивната визија ја исполнуваме во нашата реалност, а нашите пријатели се сè побројни. -„Нашата сила за иднината“ е мотото под кое годинава го чествуваме нашиот најголем празник, сплотени во традициите, идеите и културата. Притоа, сосеми свесни дека најдобриот начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш, бидејќи таа припаѓа на оние кои веруваат во убавината на своите соништа. Нека ни е честит и вековит Илинден, Да ни биде вечна Република Северна Македонија, истакна Спасовски од Крушево. Северна Македонија денеска го празнува најголемиот празник – Илинден, одбележувајќи 119 години од раѓањето на Крушевската Република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ. ев/лв/  

Остани поврзан