• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски во посета на СВР-Штип 

Спасовски во посета на СВР-Штип 

Штип, 12 декември 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при денешната посета на Секторот за внатрешни работи (СВР) - Штип истакна дека параметрите за вкупниот криминал на подрачјето на СВР Штип се во корелација со оние на национално рамниште, при што евидентираното намалување на криминалитетот тука изнесува 14 проценти, и придонесува кон генералното намалување на ниво на државата од осум проценти за првите 11 месеци од годинава. Посочи дека намалување има и кај вкупниот број на кривични дела од познат сторител за седум проценти, а од  непознат сторител намалувањето е 19 отсто, со постигната ефикасност во расчистувањето од 45 проценти, која бележи пораст од лани, додека вкупната ефикасност на расчистени кривични дела изнесува високи 70 отсто. 

-Радува податокот што класичниот криминал бележи намалување од 16 % според бројот на евидентирани кривични дела, а постигнатата ефикасност во расчистувањето е 41%. Во делот на тешките кражби, кои се еден од приоритетите на СВР Штип, во извештајниот период евидентирано е намалување од 17% на пријавените тешки кражби, додека кај делата од областа на економски криминал намалувањето е за 22%. Кај деликтите  од  недозволена  трговија,  откривачката дејност е зголемена  за  32% со откриени 123 кривични дела, при што кај  оние од  областа на оружје  регистрирано е зголемување во  откривањето  за  38%, а кај деликтите со шверц на дрога зголемувањето е за 31%, вели Спасовски. 

Министерот за внатрешни работи, Спасовски по средбата со раководството на СВР-Штип додаде дека во областа на јавниот ред и мир годинава СВР Штип бележи намалување од околу 10% по сите параметри, додека за одбележување се  реализираните 2.100 превентивни активности на различни теми од сите области на територијата на овој сектор.

-Во текот на првите единаесет месеци од 2023 година на нашата источна граница, која со петте гранични премини е во надлежност Регионалниот центар за гранични работи Исток,  фреквенцијата на патници е зголемена за 10,2 %, при што границата ја поминале околу 1,8 милиони патници, безмалку подеднакво домашни и странски, од кои 45% на ГП Деве Баир, рече Спасовски. 

Според анализите на МВР во однос на обидите за илегални преминувања, границата на Република Северна Македонија со Република Бугарија важи за најбезбедна, со  регистрирани само два обиди на илегално минување на границата од страна на пет лица во текот на првите единаесет месеци. 

-Што се однесува, пак, до македонско-грчкиот дел од границата кој е во надлежност на овој Регионален центар, имаме намалување за дури 74,5% на обидите за илегално минување на границата. Значително намалување за 86,2% има и кај бројот на откриени илегални мигранти за разлика од лани. Во истиот овој период од страна на РЦ за ГР Исток, се откриени 57 настани со криумчарење на мигранти и илегално минување на државната граница, во кои што настани се откриени 206 илегални мигранти, од кои во четири случаи стануваше збор за организирани групи на минување на границата од страна на 54 лица, а против криумчарите се поднесени соодветни кривични пријави, изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи, Спасовски истакна дека во текот на 2023 година РЦ Исток бележи и рекорден број на реализирани настани во врска со пустошење на шуми, нелегална сеча и трговија со дрва, заштита од шумски пожари, заштита на животната средина, при што во 38 различни настани  одземени се 111,4 м3 дрвна маса.

- Од страна на РЦ за ГР Исток откриени се 53 кривични дела, од кои две третини отпаѓаат на откриени фалсификувања на патни и документи и други исправи, а минатиот месец пронајдени и одземени се над 85 кг марихуана, при откриено кривично дело криумчарење на дрога, и тоа на планината Беласица, при што на грчка територија и на наша страна лишени од слобода се лицата инволвирани во овој случај, додаде Спасовски.

Првиот човек на македонската полиција го радува што годинава продолжува со подобрување на параметрите,  презентирајќи ги најдобрите полициски резултати во последниве 31 година на ниво на цела полиција. Порача дека ова треба да е мотив повеќе за сите организациски единици да го вложат својот максимум и да ги надминуваат достигнатите позитивни резултати, со цел уште помал криминалитет и поголема безбедност на заедницата, како вистински сервис на граѓаните. вдј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан