Спасеновски беше на чекор до четвртфиналето на Карате 1 Премиер лигата
- Каратистот на Макпетрол, Петар Спасеновски (-84 кг.) беше многу блиску до пласман во четвртфиналето во најелитното натпреварување, Карате 1 Премиер лигата, што викендов се одржа во Каиро, Египет.

Каиро, 22 април 2025 (МИА) - Каратистот на Макпетрол, Петар Спасеновски (-84 кг.) беше многу блиску до пласман во четвртфиналето во најелитното натпреварување, Карате 1 Премиер лигата, што викендов се одржа во Каиро, Египет.
-Откако победи во првите две борби, третата борба на Спасеновски со Валери Чоботар од Украина директно одлучуваше за понатамошниот пласман. Нашиот каратист прв дојде во водство од 1-0, но подоцна, откако судиите ги прегледаа поените, Украинецот доби два поена. Тоа беше одлучувачко за Чоботар да биде прв во групата, со што се пласираше во четвртфиналната борба.
Стефан Стојановиќ (+84 кг) беше трет во неговата група. Во првата борба стартуваше со победа, втората ја загуби минимално, а во третата борба загуби од фаворитот Хазем Мохамед од Египет.
Четвртиот турнир од Карате 1 Премиер лигата ќе се одржи во Рабат, Мароко.
Во Каиро настапија 378 натпреварувачи од 65 држави.
На Премиер лигата настапуваат најдобропласираните каратисти во светот по категории, односно по 32 во секоја категорија. Од секоја група, натпреварите во четвртфиналето ги продолжуваат првопласираните каратисти. зс/
Фото: ЕПА