• среда, 06 ноември 2024

Со 11,7 милиони денари се реновира просторот доделен на Националниот џез оркестар 

Со 11,7 милиони денари се реновира просторот доделен на Националниот џез оркестар 

Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Во тек е реновирањето на просторот доделен на НУ Националниот џез оркестар кој се наоѓа во подрумскиот дел на Националната опера и балет. За овој проект Министерството за култура има издвоено 11,7 милиони денари од кои 10 милиони се средства од ТАВ програмата.

На денешниот увид во почетокот на реновирањето, министерката за култура во техничката Влада, Бисера Костадиновска Стојчевска, истакна дека просторот се наоѓа на 500 квадратни метри со најсовремени услови за работи на оркестарот.

- Годинава ќе добиеме ново место за развој на музичката култура во Скопје. На околу 500 квадратни метри ќе имаме најсовремени услови за работа на оркестарот, со просторија за проби, магацин за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија, и сето она што е неопходно за квалитетно творештво, рече таа.

Со проектот, како што дополни, комплетно се реновираат подните и ѕидните површини и плафоните, а се поставува и нов систем за ладење и греење.

Директорот на ТАВ констракшнс, Фатин Кан, истакна дека се среќни што имаат удел во овој проект кој, како што рече, придонесува за македонската култура и општество воопшто. 

- Санацијата и адаптацијата на просторот на Националниот џез оркестар во рамките на Националната опера и балет е еден од 95-те специјални владини проекти што се финансирани од страна на ТАВ-аеродроми, а се со вкупна вредност од 49,7 милиони евра, рече тој.

Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, сподели дека  куќата на џезерите наскоро ќе биде отворена, а за неа, како што кажа, се издвоени 11,7 милиони денари од кои 10 милиони од ТАВ, а останатите од Министерството за култура.

- Досега со ТАВ и ТАВ констракшн имаме одлична реализација на сите проекти од ТАВ програмата и тоа ми дава доверба дека и овој проект, како и останатите ќе биде завршен квалитетно и навремено.. Инаку, до овој ден скоро 70 проекти се реализирани од ТАВ програмата, ни остануваат некаде уште 23 проекти да се дореализираат. Вкупната вредност е 49,7 милиони евра, рече Битиќи.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерката Костадиновска Стојчевска, информираше дека реновирањето треба да заврши најдоцна до втората половина на јуни, а на прашањето кој е автор на решението за обнова на просторот, одговори дека е преку јавен повик каде што избрале идејно решение, односно го избрале авторот кој што им го доставил идејното решение. 

- Тоа е проект кој што го направи Министерството за култура за потребите на оваа нова Национална установа. Од Мегарон, рече министерката.

Просториите со одлука на Владата беа доделени на трајно користење на Националниот џез оркестар, а адаптацијата е овозможена со средства од ТАВ програмата и дел од Министерството за култура од каде што е обезбеден и проектот за реновирање. ар/ев/
Фото: МИА

Остани поврзан