Со симулациска вежба - пожар во основно училиште, струшките пожарникари го одбележаа 20 мај
- Со уклучена звучна и светлосна сигнализација низ струшките улици и симулациска вежба за спасување при пожар во основното училиште „Јосип Броз Тито“, територијалната противпожарна единица - Струга денеска го одбележа Денот на пожарникарите - 20 мај.
Струга, 20 мај 2025 (МИА) - Со уклучена звучна и светлосна сигнализација низ струшките улици и симулациска вежба за спасување при пожар во основното училиште „Јосип Броз Тито“, територијалната противпожарна единица - Струга денеска го одбележа Денот на пожарникарите - 20 мај.
Вежбата, како што информира командирот на ТППЕ Струга, Фети Мазари, е реализирана во координација со општинската организација на Црвениот крст, Здравствен дом Струга, и Полициската станица.
- Во симулациската вежба беа евакуирани учениците со помош на сите расположливи ресурси на пожарната. Дел беа вадени низ влезовите, но имаше и такви кои беа евакуирани со помош на скали од горниот кат. Меѓу учениците имаше повредени и загушени, кои беа предавани на медицинскиот тим од брзата помош, а во акцијата помагаа и волонтерите на Црвениот крст. Потоа пожарникарите со три возила преминаа на гаснење и целосно ликвидирање на пожарот, истакна Мазари.

Оваа симулациска вежба, според портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, е уште еден показател за одличната соработка помеѓу ОВР Струга и Црвениот крст Струга, но и за соработката со другите институции вклучени во нејзината реализација.
- На овој начин, ја покажуваме нашата професионална подготвеност и координираност за ефикасно делување при настанат пожар или други елементарни непогоди со цел навремена заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра. Овие вежби се добри и за утврдување на оние елементи од нашето заедничко делување каде, би можеле да ги подобриме нашите перформанси и координираност со цел, јакнење и зголемување на степенот на нивната сигурност, изјави Димоски за МИА.сс/ар
Фото:МИА