• петок, 22 ноември 2024

Со свечен прием на студентите започна новата академска година на Универзитетот во Тетово

Со свечен прием на студентите започна новата академска година на Универзитетот во Тетово

Тетово, 3 октомври 2022 (МИА) - На Универзитетот во Тетово денеска започна академската година на сите 13 факултети, а наставниот процес ќе се одвива со физичко присуство. На платото пред Универзитетот беше организиран свечен прием, а добредојде и успех на студентите им посака ректорот проф. д-р Вулнет Амети.

- Денешниот почеток на академската 2022/2023 година уште повеќе го разубавува образовниот мозаик и ја збогатува историјата на Тетовскиот универзитет. Ви посакувам добредојде на овој ден посебен за сите нас, со надеж дека доброто ќе не води и заедно ќе бидеме гласот на знаењето, науката, образованието и општествениот напредок. Овој напредок го имаат за цел цели генерации пред нас, кои имаа највозвишена цел, да го видат овој храм на знаење на врвот, посочи во пригодното обраќање ректорот Амети.

Ректорот посочи дека како и во изминатите години Универзитетот согласно заложбите за формирање на нови кадри во образованието и раководење со општеството ќе понуди помош за студирањето.

-Во служба на оваа цел, ги поддржувавме и ќе ги поддржуваме нашите студенти и во иднина, особено одличните кои постигнуваат високи успеси во текот на академската година, а со тоа имаат корист од универзитетската стипендија, односно се ослободуваат од студентско учество. Илјадници студенти од прв и втор циклус на студии имаат корист од доделувањето стипендии низ годините и нивниот број се зголемува од генерација на генерација, благодарение на работата и посветеноста на студиите, рече Амети.

Ова е 28-тата генерација која го започнува своето високо образование на оваа установа. На крајот од свечениот прием на нови студенти, ректорот Амети и другите членови на ректорската управа поделија индекси за дел од новите студенти во првата година.

Потоа студентите се упатија кон училниците на нивните факултети, каде се сретнаа со деканите, управниот персонал и професорите на соодветните универзитетски единици.ас/

Остани поврзан