• четврток, 04 декември 2025

Со свечена академија во Крива Паланка одбележан јубилејот 65 години СОУ „Ѓорче Петров"

Со свечена академија во Крива Паланка одбележан јубилејот 65 години СОУ „Ѓорче Петров

Крива Паланка, 25 април 2025 (МИА) - Со свечена академија по повод јубилејот 65 години, средното општинско училиште „Ѓорче Петров" од Крива Паланка синоќа одбележа шест и пол децении раст, развој, просперитет и градење на темелите на надградба на младите личности од општината во, како што беше кажано, лидери на заедницата што ја промовираат гимназијата и општината во национални и меѓународни рамки.

Во чест на јубилејот беа доделени плакети за придонесот на сите поранешни директори на училиштето, на некои постхумно,кои, како што рече директорката Елена Ѓорѓиевска, оставиле траен белег во историјата и развојот на гимназијата.

- Академијата има една  единствена цел, обединување на минатото и сегашноста, интелектуално исцртувајќи ги патеките кон напредокот, кон иднината на сите млади генерации што се едуцираат и усовршуваат во училиштето, трасирајќи го патот на новото време. Темелите на успехот се создаваат со добра едукација, преку силни личности наоружани со знаења, надополнети со вештини  за животот. А такви цврсти темели и силна основа градат нашите човечки вредности кои ги пренесуваме на младите преку секојдневната работа – дарувајќи им  златен клуч на знаења со кој ќе ги отвораат портите на иднината, рече Ѓоргиевска.

Таа истакна дека должност на секој професор е на младите личности низ едукација да им го подари најсилното оружје- знаењето, како единствен начин да се промени светот на подобро. 

- Сите ние имаме таква света обрска што секојдневно ја исполнуваме. Низ училишните клупи минале бројни генерации, денес успешни луѓе: инженери, архитекти, професори, лекари, научници, кои едуцирајќи се, жедни за знаења и нови достигнувања, станаа вистински промотори на СОУ „Ѓорче Петров“ и Крива Паланка, и во Македонија, но и низ светот. Нашата гимназија беше, е и понатаму останува столб на кој се гради иднината со почит на минатото и се остава простор за нови идеи и перспективи, додаде Ѓоргиевска, порачувајќи дека свесни за предизвиците со кои се соочуваат постојано се во потрага по соодветни решенија со кои ги исполнуваат зацртаните приоритети. 

На настанот се обрати градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, истакнувајќи 
дека во текот на овие децении училиштето израсна во вистински храм на знаењето.

- Честит патрон празник на СОУ „Ѓорче Петров“, симбол на знаење и традиција.Ви посакуваме уште многу успеси, генерации ученици и нови поглавја исполнети со знаење, вредности и визија. Општина Крива Паланка продолжува со својата поддршка и вложувања во модернизација на наставниот процес и условите за учење, со цел заедно да ја градиме иднината на нашите млади и секогаш со поддршка за младите преку мерките за директна финансиска поддршка на талентирани ученици, спортисти,на матурантите, на сите ученици во прва година, сѐ во прилог на нивна соодветна поддршка и мотивација за постигнување успеси, рече Митовски.

Настанот изобилуваше со стилски ораторски говори, рецитали и хорска изведба, а на академијата беше промовирана и првата химна на гимназијата, со текст, музика и аранжман на професорот по музичка уметност и култура, Александар Тренчовски. иб/цр

Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан