• петок, 22 ноември 2024

Со портрет на Анте Попоски и монографија за Блаже Конески продолжува 60. издание на СВП

Со портрет на Анте Попоски и монографија за Блаже Конески продолжува 60. издание на СВП
Струга, 28 август 2021 (МИА) – Со портрет на големиот македонски поет Анте Попоски и одбележување 90 години од неговото раѓање, денеска во Струга продолжува програмата на 60. јубилејно издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата. Во рамки на одбележувањето 100 години од раѓањето на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист Блаже Конески, ќе биде промовирано монографско издание за великанот на македонската книжевност. На програмата е и претставувањето на годинашниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија, што годинава ја доби македонска поетеса Лидија Димковска за книгата „Гранична состојба“. Неизоставен дел од манифестацијата се меѓународните поетски читања „Кругови“, како и „Ноќите без интерпункција“. Точно на пладне ќе биде доделена и наградата „Стојан Христов” за најдобра поетска книга од поет од дијаспората за 2021 година. Јубилејното издание на најстариот поетски фестивал се одржува под посебни протоколи за заштита на населението од Ковид – 19 и без дел од традиционалните содржини. Учествуваат 30-тина поети од земјава и странство, дел од нив присустуваат во Струга, а дел имаат поетски читања преку видео врска, како што беше и поздравното обраќање на добитникот на најпрестижната награда „Златен венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи. Годинашната манифестација се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, што го потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот. СВП завршува утре со меѓународното поетско читање Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”, на летната тераса во хотел „Дрим“. сс/мд/

Остани поврзан