• понеделник, 23 декември 2024

Со поддршката на ЕУ ќе се зајакнат капацитетите и на ДКСК и Академијата за судии и јавни обвинители

Со поддршката на ЕУ ќе се зајакнат капацитетите и на ДКСК и Академијата за судии и јавни обвинители
Скопје, 19 мај 2021 (МИА) - Следењето на финансирањето на политичките партии и финансирање на изборните кампањи, надградување на е-модулите за етика и интегритет во јавниот сектор и зајакнување на супервизијата врз јавните набавки и воведување мониторинг врз процедурите за јавни набавки, се дел од активностите на Државната комисија за спречување на корупцијата кои ќе бидат унапредени со поддршката од Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, кој е финансиран од ЕУ и се спроведува од Австриската агенција за европска интеграција и економски развој (АЕИ). Ова денеска го истакна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска во излагањето на презентацијата на Проектот кој е поддржан и од Министерството за правда и јавна администрација на Хрватска, Mинистерството за внатрешни работи на Австрија и Институтот за основни човекови права „Лудвиг Болтцман“. - Со поддршка и обука на вработените од одделението за анкетни листови очекуваме зајакнување на капацитетите на лицата одговорни за верификација на поднесените анкетни листови преку користење на различни административни и финансиски податоци, како и следење на неподнесените анкетни листови, што секако ќе влијае на зголемување на ефикасноста на институцијата, но и на намалување на ризикот од непријавени или неточно пријавени податоци, истакна Ивановска. Во однос на надградување на е-модулите за етика и интегритет во јавниот сектор, претседателката на ДКСК рече дека очекува да се подигне знаењето и свеста на претставниците на Парламентот, судиите и обвинителите и другите избрани и именувани лица, во насока на правилно спроведување на Законот за лобирање, што се очекува да се донесе во догледно време. Ивановска ја истакна и важноста на помошта предвидена со проектот за вработените од ДКСК кои работат на проблематика за следењето на финансирањето на политичките партии и финансирање на изборните кампањи, како и во обезбедувањето на конструктивна соработка со другите надлежни институции. Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер - Дамјановска во своето обраќање рече дека од Проектот очекуваат јакнење на капацитетите на Академијата во насока на успешна реализација на нејзините активности, унапредување на квалитетот на обуките во рамките на почетната фаза и фокус на квалитетот на задолжителната континурана обука. - За овие приоритети меѓународната поддршка е посебно значајна од причина што размената на искуства кои се овозможени преку разни проектни активности најпрецизно да ги идентификуваат слабостите и потребите како на нашата институција, така и на правосудниот систем во целина. Истовремено, споделувањето на искуствата од страна на правните професионалци од земјите членки на ЕУ вршат позитивни влијанија врз усвојувањето на нови знаења и развој на нови методи при спроведувањето на обуките од страна на Академијата во чиј фокус е правото на ЕУ, владеењето на правото и човековите права, истакна Габер - Дамјановска. Директорката на Академијата информираше дека со помошта од Совет на Европа обезбедиле електронската библиотека и пристап до меѓународни правни бази, а со реализацијата на овој Проект, очекува дека Академијата ќе го подигне квалитетот на обуките, ќе се унапредат програмите и дека ќе ги елиминираат идентификуваните недостатоци. бк/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан