• сабота, 23 ноември 2024

Со онлајн предавање за успешната дистрибуција на „Медена земја почнува CINEIndustry

Со онлајн предавање за успешната дистрибуција на „Медена земја почнува CINEIndustry
Скопје, 25 ноември 2020 (МИА) - Асоцијацијата на филмски дистрибутери на Македонија заедно со Фестивалот на европски филм „Синедејс“ од денеска до 30 ноември го организираат дистрибутивниот маркет CINEIndustry. Поради актуелната ситуација со пандемијата, маркетот ќе се одржи во хибридна форма, односно дел од програмата ќе оди во живо во Младинскиот културен центар, а дел онлајн. Во шесте дена колку што ќе трае маркетот ќе бидат организирани панел-дискусии, презентации, мастер-класи, пичинг-сесии. Ќе се разговара за актуелните проблеми со кои се соочуваат дистрибутерите, а ќе бидат претставени и најновите домашни филмски проекти. Маркетот почнува попладне во 15 часот со онлајн предавање на тема „Успешната дистрибуција на филмот „Медена земја““, на која продуцентот Атанас Георгиев ќе говори за успехот на кинодистрибуцијата на најуспешниот документарен филм во земјава. Настанот ќе биде пренесуван во живо на интернет-страницата shorturl.at/hCHN4 и фејсбук-профилот на CINEIndustry Film Market,  како и на фејсбук-профилот на Младинскиот културен центар од Скопје. Утре во 11 часот следува панел-дискусија на тема „Кинодистрибуцијата на филмовите во време на глобална пандемија - проблеми и предизвици“ на која најавено е учество на Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска. Во петок во 14 часот планирана е презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД, а во сабота во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Во недела и понеделник ќе се одржат пичинг-сесии на домашни филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат прилика да разговараат со филмски агенти за продажба. CINEIndustry се реализира со поддршка на Министерството за култура. бак/

Остани поврзан