• понеделник, 23 декември 2024

Со одлука на грчката Влада ќе биде сменето раководството на детската добротворна организација по пријавите за малтретирање и злоупотреба на деца

Со одлука на грчката Влада ќе биде сменето раководството на детската добротворна организација по пријавите за малтретирање и злоупотреба на деца
Атина, 21 ноември 2022 (МИА) – По објавените пријави и обвинувања во грчките медиуми, на неколку деца кои биле згрижени или пораснале во детската добротворна организација „Арка на светот“ (Кивотос ту косму) дека биле малтретирани или сексуално злоупотребувани, со одлука на грчката Влада ќе биде сменето раководството на невладината организација, јави дописничката на МИА од Атина. Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите соопшти дека утрово, по состанокот што го свикал премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис со надлежните министри било одлучено веднаш да се смени раководството на организацијата, а паралелно додаде дека е потребно целосно расчистување на случајот од надлежните органи. -Грчката полиција помага во судската истрага која е во тек со цел да се открие целата вистина и доколку постојат кривични дела, виновниците да се изведат пред лицето на правдата. Законот важи за сите, без исклучок, сакам да го појаснам ова, и властите функционираат без да постои дискретен третман за некого. Како што кажав и претходно, случајот сега е во рацете на правдата и надлежните органи. Вниманието на сите нас мора да биде и е насочено кон безбедноста на децата кои престојуваат во центарот, рече Иконому. „Арка на светот“, која ја води свештеникот Антониос е една од најпознатите грчки Невладини добротворни организации за згрижување, заштита и помош на деца кои останале без семејство или потекнуваат од семејства со проблеми, а во изминатите денови, пријавите и обвинувањата од децата кои престојувале во центарот ја шокираа грчката јавност. Конкретната организација има центри во повеќе градови низ Грција, а моментално се грижи за околу 500 деца. Од „Арка на светот“ во саботата категорично ги отфрлија обвинувањата, велејќи дека се целосно лажни и истакнаа дека имаат целосна доверба во правдата и бараат целосно расчистување на случајот. ср/сд/

Остани поврзан