• понеделник, 23 декември 2024

Со марш во Скопје се одбележа Светскиот ден на лицата заболени од мултипла склероза

Со марш во Скопје се одбележа Светскиот ден на лицата заболени од мултипла склероза

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија „Мобилност Македонија“, по повод 30 мај - Светскиот ден на лицата заболени од мултипла склероза, денеска по деветти пат организираше марш за подигнување на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза за нивните специфични потреби за поквалитетен живот и социјална инклузија. Маршот, на кој се приклучија и лицата со параплегија и дистрофија, почна од Порта „Македонија“, продолжи по улицата „11Октомври“ во правец на Собранието и заврши во Домот „Даре Џамбаз“.

Претседателката на огранокот за мултиплекс склероза при Мобилност Скопје, Христина Просковска истакна дека целта на овој марш е со малку зборови да кажеме многу, односно дека да бидеме видливи, да покажеме дека имаме еднакви можности со околината и да ги изразиме на еден поагресивен начин нашите потреби и барања во оваа општество. Потенцира дека нивните барање ќе се повтораат од минатите години, бидејќи, како што рече, „за жал многу од работите не се променети, иако ние тоа грчовито го бараме“.

-Едни од поголемите барања се до Министерството за труд и социјална политика во однос на добивањето и користењето на додатоците за помош од друго лице – мобилност, да се поедностави аплицирањето на документите, критериумите да се запазуваат при поднесување и лицата кои ги заслужуваат тие додатоци навистина да ги добиваат и да бидат услужени сите пациенти. До Министерството за здравство побараа лековите да бидат во поголем број достапни за пациентите со оваа болест и да се донесат нови иновативни лекови кои веќе се користат во развиените држави, ги истакна Просковска дел од нивните барања на маршот.

Просковска инфомира дека годинава слоганот на светската Асоцијација за одбележување на мултипла склреоза е „МС дијагноза“ и се однесува на рано дијагностицирање, детектирање и третирање на мултиплекс склероза, бидејќи, како што рече, тоа е еден од главните атрибути со кои луѓето се соочуваат.

-Затоа што доколку рано се детектира, во тој случај многу побрзо и поефективно лицето со мултипла склероза ќе се справи во понатамошниот животи може да се дејствува во голем процент да не дојде до настанување на инвалидитет и прогресирање на болеста во голема мера, рече Просковска.

Гоце Миновски, претседател на Мобилност Скопје истакна дека овој настан за одбележување ќе стане традиција и изрази надеж дека свеста за оваа болест ќе се подигне во целата јавност. Упати апел до следната влада да поведат повеќе внимание кон овие ранливи категории.

Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски истакна дека ќе има многу предизвици за новата влада и потенцира дека треба да се насочат кон поддршка и помош ма лицата за оваа болест.

-И одредени работи што ги бараат денеска низ годините не се решени. Да тргнеме кон решавање на истите и тоа да се прави со брзи чекори, бидејќи нивната состојба како појава треба да биде предизвик за сите нас да им олесниме и да им најдеме еден полесен попристапен начин на живеење во Македонија, рече Велковски.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски нагласи дека локалната и централната власт мораат да се насочат кон подобрување на условите на лицата со телесен инвалидитет. Тој информира дека во Општина Гази Баба има регистрирано и клуб на лица со телесен инвалидитет кои се натпреваруваат во одредени спортови.

-Континуирани спроведуваме проекти со кои донираме помагала на лицата со телесен инвалидитет. Во рамки на општината изграден е и Дневен центар за лицата со телесна интелектуална попреченост, рече Стефковски.

Здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“ брои 2.700 членови и постои веќе 36 години. фф/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан