• среда, 18 декември 2024

Со македонското „Комитско“ во Битола почнува фестивалот „Илинденски денови“

Со македонското „Комитско“ во Битола почнува фестивалот „Илинденски денови“

Битола, 26 јули 2022 (МИА)Со македонското оро „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“ од Битола, вечер почнува 52. издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.

Во пресрет на настапите на културно-уметничките друштва и филкорни групи од државата и странство, деновиве во Битола се реализира фестивалска предпрограма исполнета со изложби, работилници и за прв пат Интернационален етнографски филмски фестивал.

-На фестивалската сцена ќе настапат повеќе од 1.000 учесници членови на ансамбли од повеќе македонски градови, а со оглед дека нашиот фестивал е член на светската фолклорна асоцијација ЦИОФФ, во Битола вечер ќе ги погледнеме и настапите на гостите од САД, Полска, Шпанија, Србија, Италија, Мексико и Колумбија, најави Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на фестивалот.

Годинава фестивалот „Илинденски денови“ се одржува под мотото „Од корените до цветот“, а корените датираат од 1971 година, вели м-р Валентин Соклевски, програмски селектор на фестивалот.

-Фестивалот е прекрасен мозаик, традиција која потекнува од корените и од цветовите кои ја содржат креативноста на луѓето од овој фестивал. И годинава од Битола испраќаме желби за добро здравје, заедништво, соработка, мир и разбирање. И годинава, истакна Соклевски, го славиме Илинден, верни на традицијата и на мисијата на фестивалот за заштита, промоција и афирмација на духовното и материјалното културно наследство, претставено преку традиционалната музика, игри, песни, обичаи, носија, инструменти и друго.

Утрово во градот, за прв пат на фестивалот и по Широк Сокак ќе мине битолската коњаница „Галоп“ и до 2. Август ќе се движи по патот на илинденците, информираа од НУ Центар за култура-Битола. мт/мд/

Остани поврзан