• петок, 22 ноември 2024

Со икони, крстови и темјан против новите биометриски лични карти, мирен протест во Атина

Со икони, крстови и темјан против новите биометриски лични карти, мирен протест во Атина

Атина, 10 септември 2023 (МИА) – Со грчки знамиња, крстови, икони, темјан, но и со говори, стотици Грци, организирани преку социјалните мрежи, вечерва одржаа мирен протест во центарот на Атина против новите биометриски лични карти што ќе ги воведе грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

„Дигиталната лична карта е твојот дигитален затвор“; „Не за електронското ропство“ беа дел од слоганите на транспарентите на демонстрантите.

Насобраните порачаа дека нема да ги прифатат новите лични карти, а упатија и критики до Грчката православна црква затоа што, како што рекоа, не ги поддржала, а на протестот не дошол нити еден митрополит.

Меѓу присутните имаше голем број свештени лица, монаси и монахињи, но и припадници на нацистичката Златна зора, како и поддржували на радикални десничарски групи.  

Минатата седмица ист протест се одржа и во Солун, а демонстрантите се организираа преку социјалните мрежи.

Реакциите против новите биометриски лични карти, започнаа во текот на летото, кога голем број граѓани во различни делови на Грција започнаа масовно да поднесуваат барања за обнова на постоечките лични карти, мислејќи дека така ќе избегнат вадење биометриски.

Откако Грција во јули добила уште едно предупредувачко писмо од ЕУ за неусогласување со европската регулативата, новите лични карти ќе почнат да се издаваат на 25 септември, а старите ќе престанат да важат на 3 август 2026 година. ср/ми/

Фото: МИА

Остани поврзан