Институтот „Козле“ прераснува во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата
- Како што додаваат од владината прес-служба, со оваа одлука, ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи, со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) - Владата на денешната седница донесе одлука со која Јавната здравствена установа Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ - Скопје, прераснува во Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ - Скопје, соопштија вечерва од владината прес-служба.
- Со оваа одлука се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко - консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно - методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината, се појаснува во соопштението.
Како што додаваат од владината прес-служба, со оваа одлука, ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи, со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите. бд/нд/
Фото: МИА архива