• петок, 05 декември 2025

Социјалдемократите во ЕП би можеле да гласаат против трговскиот договор меѓу ЕУ и САД

Социјалдемократите во ЕП би можеле да гласаат против трговскиот договор меѓу ЕУ и САД

Брисел, 2 септември 2025 (МИА) – Пратеничката група Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент најави дека нема да го поддржи трговскиот договор постигнат меѓу ЕУ и САД во јули годинава, што може да ги искомплицира обидите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за обезбедување на парламентарно мнозинство за негово усвојување. 

- Цврсто се спротивставуваме на договорот, изјави претседателката на СД, Ираче Гарсија Перез за бриселскиот портал „Политико“. 

Откако Фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп во јули во шкотското место Трнбери постигнаа трговски договор со кој беше избегнато воведување дополнителни царини на европскиот извоз во САД, Европската комисија се соочи со обвинувања дека лесно му се предала на Вашингтон и дека недоволно ја искористила економската тежина на ЕУ, како пазар од 450 милиони луѓе во преговорите со Белата куќа. 

Со трговскиот договор се предвидува највисоката царинска стапка за најголемиот дел од извозот на производи од ЕУ во САД да изнесува 15 проценти. За возврат Унијата треба да ги укине царините за американските индустриски стоки, вклучително и автомобилите, да го олесни пристапот до својот пазар за некои земјоделски производи и морски плодови и да го зголеми увозот на енергенси од САД.  

Претходно и сопартијката на Гарсија Перез, извршната потпретседателка на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера изрази резерви кон договорот, изјавувајќи во петокот за „Фајненшл тајмс“ дека ЕУ би требало да биде подготвена да се повлече од договореното, доколку Трамп ги оствари своите закани поврзани со технолошките компании. 

Станува збор за изјава на Трамп дека САД ќе ги казнат оние партнери кои воведуваат дигитални правила и даноци со кои се дискриминираат американските технолошки компании, што беше оценето како закана кон ЕУ поврзана со одредбите од нејзиниот Закон за дигитални услуги.  

Најавата на Гарсија Перез за спротивставување на договорот, во Брисел се оценува како уште еден обид на социјалдемократите да извлечат политички отстапки во услови кога по ланските евроизбори дојде до промена на соодносот на силите во Европскиот парламент во полза на десницата, а дополнително ослабнаа и позициите на левиот центар во Европската комисија и во Советот на ЕУ. Во такви услови, пратениците на СД станаа се покритични кон ЕК и пред се кон нивниот долгогодишен партнер на европско ниво - десно центристичката Европска народна партија (ЕПП), која доминира во Комисијата и во Советот. 

Сепак, доколку не успее да ги убеди пратениците на СД да го поддржат трговскиот договор, Фон дер Лајен би можела да се обиде да го обезбеди потребното мнозинство со поддршка на ЕПП и либералите, како и на некои пратеници од редовите на десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти и екстремно десничарската група Патриоти за Европа. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан