• петок, 22 ноември 2024

Соседните држави на Авганистан стравуваат од нов бегалски бран

Соседните држави на Авганистан стравуваат од нов бегалски бран
Кабул, 15 јули 2021 (МИА) - Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска ќе се сретне со регионалните лидери во Узбекистан, бидејќи талибанците преземаат поголема контрола врз неговата земја, со што се зголемува стравот од нова бегалска криза. Неколку милиони Авганистанци побегнаа од земјата за време на повеќедеценискиот конфликт во земјата, а 270.000 Авганистанци заминаа од јануари, откако почна повлекувањеето на американските сили. Талибанците тврдат дека тие веќе го контролираат поголемиот дел од земјата и не планираат да се откажат од натамошните офанзиви, така што соседните земји стравуваат од влошување на состојбата и нов бран бегалци. Поголемиот број Авганистанци побегнале во соседните Пакистан и Иран за време на децениски конфликт. Според податоци на УНХЦР, во моментов има 1,4 милиони авганистански бегалци во Пакистан и речиси еден милион во Иран. Се проценува дека реалните бројки се многу поголеми. Пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Махмуд Куреши при посетата на Душанбе, главниот град на Таџикистан, во вторникот рече дека неговата земја има ограничени ресурси и не може да прими повеќе бегалци. Таџикистан минатата недела објави дека примил повеќе од илјада цивили кои бегале од насилство во северниот дел Авганистан. Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон на почетокот на минатата недела изјави дека наредил мобилизација на 20.000 војници за чување на границата со Авганистан. За таа цел, Ракмон побара помош и од рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи Русија е присутна со голем број војници во Таџикистан. И покрај предупредувањето на Куреши дека Пакистан не може да прими повеќе бегалци, официјалните лица таму во пограничните области веќе започнаа да одредуваат локации за бегалски кампови. Пакистан минатата недела ги затвори своите два главни гранични премини со Авганистан, откако законодавците и соопштија на војската дека над 700.000 бегалци можат да пристигнат во наредните месеци. ОН проценуваат дека на околу 18,4 милиони луѓе во Авганистан имаат потреба од хуманитарна помош. ми/

Остани поврзан