• недела, 22 декември 2024

Соработка на ЗНМ со обвинителката за нападнати новинари, се активираат и старите нерешени истраги

Соработка на ЗНМ со обвинителката за нападнати новинари, се активираат и старите нерешени истраги
Скопје, 32 октомври 2022 По назначувањето на Искра Хаџи Василева за обвинителка која ќе го следи постапувањето во предметите во кои се нападнати новинари, во кои тие се оштетени, сведоци или се пријавени во врска со извршување на своите работни задачи, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски и Хаџи Василева пред Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) прецизираа кои ќе бидат надлежностите на обвинителката.Се работи за отворена линија во Јавното обвинителство, на која кај Хаџи Василева може да се јават новинари во врска со постапките за физички напади и насилство, како и за сериозни закани по животот на твитер, фејсбук, ватсап или по мејл. Исто така и за уништување на имот на новинари и медиумски работници ако е поврзано со нивната работа - известување, снимање, објавен прилог, пишан текст, фотографија, снимени инсерти..., како и за други дела, кои претходно ги пријавиле во МВР. Таа ќе ги координира овие постапки.Ова е пилот-проект кој ветува повисок степен на заштита на новинарите и медиумските работници во врска со нивната работа и е на барање на ЗНМ. Резултат е на долгогодишното незадоволство поради неказнивоста на кривичните дела врз новинарите. Се воведува за првпат кај нас. Засега проектот почнува само во Скопското обвинителство, што значи ќе ги опфати кривичните дела врз новинарите сторени на подрачјето на Скопје и околината. Тенденција на Јавното обвинителство на РСМ е по доекипирањето на обвинителствата, обвинители за заштита на новинари да се назначат и во други градови од внатрешноста.Дотогаш останува одлуката покрај ОЈО Скопје, и останатите јавни обвинителства да даваат приоритет во постапувањето по предметите поврзани со безбедноста на новинарите и да продолжат да ја унапредуваат соработката со новинарските здруженија, со цел да се санкционира секое кривично-правно загрозување на слободата на изразување.„Целта ни е да ја зголемиме довербата на граѓаните во Јавното обвинителство, а и јавниот интерес во овој контекст да биде задоволен“, вели основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје , Гаврил Бубевски.Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски е задоволен што се воспостави ваква соработка после подолго време, зашто уште пред Бубевски да дојде на чело на ОЈО, како што посочи, ЗНМ бараше специјално одделение кое ќе ги гони напаѓачите на новинари.„Оваа година имаме засилен тренд на напади врз новинари, особено онлајн напади. Не може да се случат суштински општествени промени, ако правдата за новинарите е непостоечка, ако правосудството и медиумите не се ослободат од надворешното влијание, ниту пак ние како новинари би можеле да ја вршиме нашата професија, ако сме во постојан страв за нашата безбедност.Ова е одличен почеток за стабилна идна  соработка со скопското обвинителство преку  обвинителката Искра Хаџи Василева која е назначена за процесирање на овие случаи, а секако најдобро е да почне уште истиов момент и да се продлабочува“, кажа Чадиковски претседателот на ЗНМ.Според документот што патем го достави Јавното обвинителство до Здружението, од 2014 година до денес таму се евидентирани 24 посериозни физички напади врз новинари, а само 4 се решени со правосилна пресуда во корист на новинарите, на штета на напаѓачите. Не е бројката огромна како што била во 2016 и 2017 година, но трендот во последните три години е дека повеќето закани по животот на новинари се случуваат онлајн. Има и физички напади.Во Македонија повеќето закани по живот се случуваат кон жени новинарки, отколку кон мажи новинари. Меѓутоа, кога станува збор за физички пресметки или оштетување на опрема, тоа најчесто се случува на јавни протести, на поголеми собири, каде што одредени лица на тие протести таргетираат новинарите, снимателите и фоторепортерите. Во тие ситуации, или имаат физички контакт со некој од екипата, или ја уништуваат нивната опрема.Во 2022 година имаме неколку посериозни напади, но и позитивни примери на расчистување на некои од тие кривично-правни настани. Колегата Невриј Адеми од Тетово беше нападнат од лице со секира и за обвинетиот напаѓач веќе има осудителна пресуда од страна на Основниот суд Гостивар.„ ЗНМ редовно  ги следи судските рочишта, не само за кривичен прогон, туку и граѓанските постапки за клевета и навреда и се обидуваме да фатиме тренд: колку траат постапките, каква била одбраната, како постапил обвинителот, како Државниот правобранител (во случајот со 27 април), и да утврдиме кои се оние празнини во постапките кои ние сме ги утврдиле како проблематични. Во таа насока, имаме позитивен пример за прва пресуда за говор на омраза на интернет, по приватна кривична пријава што ја поднесе ЗНМ до МВР, што беше процесирана за 5 месеци. Лицето што се закани на фејсбук беше осудено на 6 месеци условна казна затвор“,  рече Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ, кој на овој начин го истакна малиот број  позитивни примери за казнивост на напаѓачите на новинари, посочувајќи го списокот со нерешени случаи пред Бубевски и Хаџи ВасилеваНа списокот има 79 сериозни инциденти за повреда на права на новинари, и тоа само не само за закани по безбедноста, по животот на новинарите туку и за останати сериозни повреда на нивните права. Поблагите закани и форми на притисок од јавни функционери, политичари, бизнисмени, се многубројни и се исто толку загрижувачки. Од обвинителството се бара да расветли што побрзо и што повеќе од тие незавршени истраги, со оглед на фактот дека досегашната негова незаинтересираност, многу од новинарите одврати да пријават закани и напади кон нив.Обвинителката Хаџи Василева смета дека ќе биде неопходна поблиска соработка и заеднички пристап со новинарите, меѓусебна координација и информирање. „Заедно ќе ги лоцираме некои од работите кои се поакутни, порелевантни и позначајни кога станува збор за нападите врз новинарите. И сега, без законската рамка која ја чекаме, имаме поле за конструктивна соработка. Кога е искрена намерата, можеме ситуацијата да ја подобриме“, кажа таа.Она што многу ги интересира новинарите е дали обвинителката ќе ги работи, координира и тие нерешени истраги на напади врз новинари, или ќе се занимава само со идните случаи. Хаџи Василева вели дека веќе ги разгледала тие отворени постапки, дека со тимот навлегува во оние кои се под скопска надлежност и оти е тука за дополнителни двонасочни информации. И една многу важна дилема разјасни координаторката: Ако заканата или нападот се направени во контекст на новинарското работење, тогаш ќе се смета дека лицето е нападнато како новинар. За напади на новинари од друга причина, меѓу-соседска расправија или слично, што не е поврзано со нивната работа, таа постапка ќе добие генерален третман и инкриминација, и нема да биде третирана од неа и од тимот обвинители во ОЈО Скопје кој ќе води истраги за нападнати новинари. Бубевски на следна дилема одговори дека сите пријавени напади во полиција од лица кои се нарекуваат себе си новинари, обвинителството ќе ги смета за новинари, се додека не се докаже спротивното. Тој истакна дека сепак е потребна заедничка обука, да се информираат новинарите кои акти врз нив поврзани со работата се кривични дела, до кај е линијата на инкриминацијата, а од каде се смета дека тие се предмет на граѓанска постапка. Во контекст на ограничувањата во актуелниот Кривичен закон, ЗНМ и ССНМ изработија амандмани за новиот КЗ што треба да го донесе Собранието. Според амандманите, нападот врз новинари ќе се смета за напад на службено лице. Тие значат системско решавање на проблемите поврзани со безбедноста на новинарите, на долг рок. Министерството за правда имаше политичка одлука предложените измени од ЗНМ и Синдикатот да ги усвои, да ги проследи до Владата, а таа до Собранието. Амандманите беа поднесени во јули 2022 година. За жал, и покрај лобирањето кај партиите, нема надеж дека предлозите на ЗНМ и на ССНМ, односно новиот Кривичен законик, ќе бидат донесени за брзо време. Сепак, фактот што Обвинителството се подготвува предвреме за заштитата на новинарите, ЗНМ го смета како позитивен чекор. А колку е важно тоа, кажува и најновиот Извештај за напредокот на Македонија во преговорите за членство во Европската Унија. Обвинителството, судовите, новинарите и нивните права се во истото поглавје 23 и една од препораките во делот на слободата на изразување конкретно е итно сите насилства кон новинарите да се адресираат, и дека е потребен брз и ефикасен пристап, со кој тие што ги повредуваат правата на новинарите ќе бидат изнесени пред правдата. Од друга страна, во ситуација кога МВР на некој начин купува време со наводно долго чекање за податоци од твитер и фејсбук при сајбер-нападите, многу брзо и ефикасно ги решава тие напади кога се работи за функционери од власта. Практично, уште истиот момент ги наоѓа и ги апси на аеродроми, или кај и да се, што на некој начин создава револт кај новинарите кои биле нападнати, кои трпат сериозни закани, а полицијата и обвинителството не реагираат. За селективната реакција на МВР, Бубевски смета дека заканувачите кон функционери обично не го кријат идентитетот, за разлика од оние кон новинарите. Препораката која се подвлекува од 2016 година наваму, е дека и во недостаток на системски механизми, како земја - членка на Советот на Европа, сепак Македонија има облигаторна обврска нејзините правосудните органи да направат посебни одделенија и да воспостават протоколи за ситуациите поврзани со безбедноста на новинарите. Односно, да има една 24-часовна отворена линија на која ќе може да се јавуваат новинари, макар и кога ќе имаат дилема дали одреден напад, закана или притисок врз нив спаѓа во кривичната материја или не. ЗНМ за оваа проблематика активно работи и со МВР. До крајот на годината треба да има протокол за безбедност на новинари онлајн. Чадиковски смета дека таков протокол треба да се воспостави и со обвинителството и тој да ја пропише комуникацијата со новинарите врз кои е извршено кривично дело поврзано со нивната новинарска работа. Во опфатот на работа на Хаџи Василева ќе биде и следењето на постапките каде што новинарите се повикани како сведоци или кога им се бараат снимки или фотографии од медиумите за обезбедување докази, за други постапки. За почеток, Бубевски и таа го средуваат односот, начинот на комуникација на полицијата која работи по наредба на обвинител со новинарите-сведоци. Новинари и медиумски куќи се жалат повремено во ЗНМ на дрзок однос и недоволна информираност од полицијата кога повикува на службен разговор, небаре се субјекти на прогон, а не сведоци. Заклучоците од оваа средба беа донесени на работени состанок помеѓу ОЈО и ЗНМ кој се одржа на 28-ми октомври во просториите на ОЈО. На средбата се констатираше потреба од вакви заеднички разговори во иднина на теми поврзани со безбедноста на новинарите.Текстот е подготвен во рамките на регионалниот проект „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од страна на холандскиот Хелсиншки комитет и Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија. Ставовите и  мислењата на учесниците на настанот нужно не ги претставуваат ставовите на Кралството Холандија, ниту на организациите што го спроведуваат проектот или на нивниот локален партнер. Здружение на новинарите на Македонија ________________________________________________________________________________________  МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан