• вторник, 24 декември 2024

Соопштени добитниците на наградите на петтиот конкурс „Бибер“

Соопштени добитниците на наградите на петтиот конкурс „Бибер“
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА)  - Авторката Ана Кутлеша со „Доба на митарење“ е добитник на првата награда на регионалниот конкурс за краток расказ „Бибер“. Втората награда е за Лидија Дедуш со „Фертик“, а добитници на третата награда се Анте Сториќ со „Земја на среќата“ и Милош Перишиќ со „Зборови“. Како што информира тимот на „Бибер“, жирито во состав Калина Малеска, Лејла Каламујиќ и Оља Савичевиќ - Иванчевиќ донесе едногласна одлука за првите три награди и избра 25 раскази кои ќе бидат објавени во повеќејазичниот зборник.  Жирито прочитало и оценило 101 расказ пристигнат на конкурсот, а посебно го пофалуваат расказот „Vaške“ на авторот „Душан Радаковиќ“. - Годинашниот избор на раскази тематски се движи од отворено соочување со болното минато (често прикажано од перспектива на децата и младите, што е очекувано со оглед на генерациската припадност на авторките и авторите) до некои нови предизвици кои ги носи современоста. Позитивен впечаток ни остави храброста искажана во голем број раскази - обидот „да се оди во туѓи чевли“; пишувањето од перспектива на „онаа друга страна“, било таа перспектива да припаѓа на друг род, светоглед, националност или генерација, стои во соопштението од жирото. „Бибер“ е конкурс за краток, ангажиран расказ на албански, македонски, босански, хрватски, српски и црногорски јазик. Петтиот конкурс „Бибер“ беше отворен од 10 декември 2021 до 1 јуни 2022 година. На конкурсот стигнаа вкупно 473 дела (387 на БХСЦ јазик (бошњачки, српски, хрватски и црногорски), 69 на македонски и 17 на албански јазик). Темата на конкурсот е помирување во контекст на заоставнината на војните и насилството во земјите на поранешна Југославија, а доаѓаат предвид и раскази кои можат да придонесат за подобро разбирање меѓу луѓето, намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази кои се занимаваат со соочување со минатото, разградување на сликата за непријателите, сочувство за другите, храбри раскази кои се осмелуваат да одат во чевлите на „непријателот“, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат патишта да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Конкурсот го организира тимот „Бибер“ на Центарот за ненасилна акција Сараево-Белград. Покрај наградените, избрани се 25 раскази кои ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник. Авторките и авторите на овие раскази се: Аида Сечиќ Незиревиќ од Сараево, Албина Идризи од Гњилане, Амина Каја од Приштина, Ана Југо од Виена, Ана Кутлеша од Загреб, Андреа Хрибар Ливада од Загреб, Аница Марцелиќ од Запрешиќ, Анте Сториќ од Шибеник, Дражана Марковиќ Крезиќ, Дубравка Тинтор од Вишково, Душан Радаковиќ од Зрењанин, Ена Катарина Халер од Загреб, Ернад Осмиќ од Брчко, Горан Јанковиќ од Љубљана, Лана Буњевац од Загреб, Лидија Дедуш од Вараждин, Милош Перишиќ од Аранѓеловац, Наида Мујкиќ од Добој, Сања Мучкајева Видановска од Битола, Сенад Јусиќ од Бугојно, Слаѓана Нина Перковиќ од Бања Лука, Срѓан Милијевиќ од Белград, Тена Лончаревиќ од Жупања, Василије Перовиќ од Белград и Весна Тодоровска од Куманово. Во зборникот ќе бидат објавени и расказите на следните автори и авторки: Сенад Јусиќ, Ернад Осмиќ, Слаѓана Нина Перковиќ, Аница Марцелиќ, Аида Сечиќ - Незиревиќ, Тена Лончаревиќ, Андреа Хрибар - Ливада, Наида Мујкиќ, Албина Идризи, Весна Тодоровска, Срѓан Милијевиќ, Ана Југо, Лана Буњевац, Дубравка Тинтор, Ена Катарина - Халер, Горан Јанковиќ, Василије Перовиќ, Дражана Марковиќ - Крезиќ, Амина Каја и Сања Мучкајева - Видановска. Се очекува повеќејазичната збирка раскази да биде објавена до март 2023 година, кога сите преводи на расказите ќе бидат готови. мд/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан