• понеделник, 23 декември 2024

Сообраќајот во Гостивар ќе се регулира дополнително за време на печалбарскиот бран

Сообраќајот во Гостивар ќе се регулира дополнително за време на печалбарскиот бран
Гостивар, 14 јули 2022 (МИА) - Општината Гостивар, полицијата и повеќе организации и институции со здружени сили ќе помагаат во надминување на проблемите во сообраќајот низ градот наредниов месец, е заклучокот по одржаниот состанок на Локалниот совет за превенција. За повеќе паркинг места ќе бидат ставени во функција училишните дворови, а подостапни за купување ќе бидат и билетите за паркирање. Претставниците на полицијата и Отсекот за превенција при СВР Тетово го претставија новиот проект чие спроведување ќе започне од утре. Целта и приоритет на овој проект („Паркирај прописно-овозможи нормален сообраќај“) е да ја зголеми безбедноста во сообраќајот. Со него е предвидено зголемено присуство на полициски службеници по улиците, сообраќајни поуки за прекршителите, делење на информативен материјал и совети. Градоначалникот на општина Гостивар, кој раководеше со состанокот на Локалниот совет за превенција (ЛСП), напомена дека доаѓањето на печалбарите во значителна мера ќе го отежне движењето во сообраќајот. - Од утре, дворовите на основните и средните училишта ќе бидат ставени во функција на привремени паркиралишта и паркирањето во тие простори ќе биде бесплатно. Неопходно е подигање на повисоко нивно на соработката на терен помеѓу полицијата и вработените во ЈП „Градски паркиралишта и зеленило“, рече градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. На состанокот на локалниот совет за превенција, меѓу останато беше договорено волонтери на ОО Црвен крст заедно со полицијата да делат летоци и совети за безбедно паркирање, да се покријат повеќе места за продажба на билети за паркирање и двосменско работење на „пајак службата“ Билетите за паркинг со важност од еден час изнесуваат 30 денари, неделниот 750 и месечниот 3.000 денари. Во општина Гостивар има околу 800 паркинг места и над близу 29 илјади регистрирани возила, од кои најголемиот дел се автомобили. Еден горливите проблеми на градот е сообраќајната инфраструктура кој ескалира со доаѓањето на печалбарите во летните месеци и од локалната самоуправа упатија апел за воздржување од користење на автомобили во наредниов период. згм/рп/

Остани поврзан