• понеделник, 23 декември 2024

Сон ја заврши својата воена служба со почести

Сон ја заврши својата воена служба со почести
Сеул, 8 мај 2020 (МИА) - Напаѓачот на Тотенхем и репрезентацијата на Јужна Кореја, Хјун Мин Сон го заврши задолжителниот воен рок во својата татковина. Стрелецот на „петлите“ настапи на многу високо ниво за време на тринеделниот тренинг и беше награден како еден од петте најдобри кадети. Морнарицата на азиската земја објави на социјалните мрежи фотографии од Сон со митралез М-16 во раката и му оддаде почит за завршувањето на обуката. Од сите мажи со добра здравствена состојба во азиската земја се бара да отслужат 2 години воена служба, а тоа сочинува голем дел од армијата во земјата од 600.000 војници. Сличен период надвор од фудбалот ќе ја загрозеше спортската кариера на Сон, но во 2018 година тој и неговите соиграчи од националниот тим добија право на значително смален воен рок, по освојувањето на титулата на Азиските игри. Напаѓачот реши да ја искористи присилната пауза во Премиер лигата поради пандемијата од КОВИД-19 за да го заврши воениот тренинг, бидејќи се одликуваше како еден од најдобрите пет кадети од сите 157 лица на курсот. - Сон се справи исклучително добро во сите области на обука, вклучително и воена етика и обука за безбедност, рече портпаролот на морнарицата на Јужна Кореја. Најверојатно, Сон сега ќе се врати во Велика Британија, каде на екипите се очекува наскоро да им се овозможи да продолжат со целосен тренинг со идејата за рестартирање на сезоната во Премиер лигата во јуни.

Тагови

son

Остани поврзан