• недела, 22 декември 2024

Советот за внатрешни работи на ЕУ ќе решава за укинување на контролите на копнените граници на Бугарија и Романија кон Шенген зоната 

Советот за внатрешни работи на ЕУ ќе решава за укинување на контролите на копнените граници на Бугарија и Романија кон Шенген зоната 

Брисел, 12 декември 2024 (МИА) - Укинувањето на контролите на внатрешните копнени граници на Романија и Бугарија со останатите земји од Шенген зоната ќе биде една од главните теми на денешното заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ.   

Покрај ова, министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на заседанието на Советот ќе расправаат и за состојбата во Шенген зоната, со фокус на зајакнување на севкупната безбедност преку дигитализација, како и за потенцијалниот датум за почеток на примената на системот за влез/излез во Унијата (ЕЕС). 

ЕЕС е автоматизиран ИТ систем за регистрирање на државјаните на земји кои не се членки на ЕУ при нивното патување на краток престој во Унијата. Согласно овој систем, граничните службеници ќе земаат отпечатоците од прстите или ќе ги фотографираат лицата при нивниот прв премин на границата на ЕУ и овие податоци ќе биде зачувани во дигитална датотека. 

На седницата на Советот за правда и внатрешни работи на 10 октомври, Еврокомисијата најави дека планира фазен начин на воведување на ЕЕС. 

Министрите ќе ја разгледаат и предложената регулатива за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца, а ќе разменат мислења и за состојбата со борбата против трговијата со дрога и организираниот криминал. 

Со предложениот закон на ЕУ за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца се предвидува интернет компаниите да бидат обврзани да ги алармираат властите за секоја форма на онлајн сексуална злоупотреба на деца на нивните платформи. Планирано е и формирање на центар кој ќе им помага на властите во акциите по извештаите за сексуална злоупотреба на деца и кој ќе собира и споделува експертизи и најдобри практики за превенција и поддршка на жртвите. 

Предвидено е еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Маркус Брунер пред министрите да поднесе извештај за состојбата со имплементацијата на Пактот за миграција и азил на ЕУ, по што за време на работниот ручек ќе се разговара за надворешната димензија на миграцијата и начините за зголемување на ефикасноста на политиката на ЕУ за враќање на мигрантите. Целосната имплементација на Пактот за миграција и азил, што беше усвоен во мај годинава, треба да започне од јуни 2026 година. 

Унгарското претседателство со Советот на ЕУ, пак, ќе ги информира министрите за стратешките насоки за законодавно и оперативно планирање во областа на слободата, безбедноста и правдата. Стратешките насоки претставуваат важен инструмент за обликување на политиката на блокот во областа на слободата, безбедноста и правдата и обезбедуваат рамка за спроведување на релевантните аспекти од Стратешката агенда на ЕУ 2024-2029 година. 

Утре, Советот ќе ја продолжи работата на ниво на министри за правда, кои се очекува да усогласат заеднички пристап на земјите членки кон Директивата за минимални правила за спречување на криумчарењето мигранти и за измените на Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуална експлоатација на деца. 

Директивата за минимални правила за спречување на криумчарењето мигранти треба да ја замени сегашната правна рамка на ЕУ која датира од 2002 година и има за цел да ги приближи кривичните законодавства на земјите членки за прашања како што се дефинирањето и санкционирањето на криумчарењето мигранти. 

Со измените на Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуална експлоатација на деца, усвоена во 2011 година, се предвидува зајакнување на кривичното право поврзано со овие појави, како и проширување на дефинициите за делата за сексуална злоупотреба и сексуална експлоатација на деца и обезбедување поефикасна истрага и гонење на сторителите на овие злосторства. 

На заседанието ќе учествува и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт кој пред министрите ќе го претстави предлогот на Европската комисија за усогласување на одредени аспекти од правото за инсолвентност и ќе ги презентира наодите од евалуацијата на Европскиот налог за истраги.  

Предлогот за измени директивата за инсолвентност е една од иницијативите во рамки на Акцискиот план на Унијата за пазарите на капитал и има за цел да ги поттикне прекуграничните инвестиции во рамките на единствениот пазар преку насочено усогласување на постапките за инсолвентност. 

Мекграт, исто така, ќе ги брифира министрите за последните рунди преговори за договорот за електронски докази меѓу ЕУ и САД и за иницијативите да се обезбеди дека сторителите на злосторства при руската воена агресија во Украина ќе одговараат за своите постапки. 

Покрај ова, министрите за правда на земјите членки ќе дебатираат и за иднината на кривичното право на ЕУ и за примената на системите за вештачка интелигенција во сферата на правдата.  

Покрај Брунер и Мекграт, Европската комисија на заседанието на Советот за правда и внатрешни работи ќе ја претставува и нејзината извршна потпретседателка за технички суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен. сп/нд

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан