• петок, 05 декември 2025

Советничка листа на СДСМ за Охрид: Нудиме план и визија, чесна и одлучна работа за секој граѓанин

Советничка листа на СДСМ за Охрид: Нудиме план и визија, чесна и одлучна работа за секој граѓанин

Охрид, 30 септември 2025 (МИА) – Нудиме план и визија, тим кој ќе работи чесно, гласно и одлучно за секој граѓанин. Знаеме што и треба на нашата општина и знаеме дека тоа можеме да го направиме со работа, со упорност и со поддршка од граѓаните.Тоа го истакна Јане Тодороски, носителот на Советничката листа на СДСМ и коалицијата за претстојните локални избори во Охрид.

- Да имаме фер избори, да имаме констуктивен натпревар на идеи, а потоа да работиме заедно. На овие избори изберете развој, изберете сигурност, изберете иднина за општина со која сите ќе се гордееме, рече Тодороски. 

Како што посочи, тимот на коалицијата предводена од СДСМ е составен од луѓе со искуство, знаење и визија за иднината на Општината Охрид. Него го сочинуваат професионалци од различни области, образование, здравство, економија, екологија, граѓански активизам. Луѓе кои секојдневно работат со граѓаните и ги знаат нивните вистински проблеми, луѓе докажани во полето на својата област, луѓе кои носат енергија, идеи и посветеност да го направат тоа што е најважно, да создадат подобар живот за сите.

Тодороски рече дека планот е јасен, а тоа е подобра инфрастуктрура, уредени улици, осветлување и почиста средина во секое мало, поддршка за младите и семејствата, повеќе спортски, културни и образовни содржини, економски развој, нови инвестиции и поддршка за локалните бизниси, зелена општина, проекти за чист воздух, паркови и заштита на природата.

- Изборите се можност за натпревар на идеи, а не за поделби. Повикуваме на коректна, фер и конструктивна кампања, во која ќе доминираат проектите, визиите и решенијата, а не навредите и блокадите, рече Тодороски, кој истакна дека само така може да се докаже дека политиката може да биде одговорна и чесна. аб/вг/

фото/скриншот

 

Остани поврзан