Собрани 33 крвни единици на вонредната крводарителска акција во Црвен крст Кочани
- Триесет и три крвни единици се собраа на вонредната крводарителска акција што во организација на Црвен крст Кочани и поддршка на екипа од Институтот за трансфузиона медицина Штип денеска се реализираше во просториите на општинскиот Црвен крст.
Кочани, 14 август 2025 (МИА) - Вкупно 33 крвни единици се собраа денеска на вонредната крводарителска акција што се одржа во просториите на Црвениот крст Кочани, во организација на локалната организација и со поддршка од тимот на Институтот за трансфузиона медицина – Штип.
Ова е 13. крводарителска акција во Кочани од почетокот на годината и прва вонредна, организирана поради зголемената потреба од крв и крвни продукти во летниот период.
Од Црвениот крст Кочани изразија благодарност до сите дарители, со посебен акцент на четворицата што првпат дарувале крв, како и на десетмината млади лица до 30 години кои активно се вклучиле во акцијата.
-Ги повикуваме сите граѓани и натаму да се приклучуваат на крводарителските акции. Доброволното дарување крв е единствениот начин да се обезбедат доволни резерви за спасување живот“, порачаа од Црвениот крст Кочани.
Поради државниот празник на 28 август, редовната месечна акција ќе се одржи една недела порано – на 21 август (четврток), во стандардниот термин од 8:30 до 14:00 часот, во просториите на Црвениот крст Кочани. ис/дма/
Фото: МИА