• петок, 22 ноември 2024

Собраниска делегација предводена од Мисовски на Балтичка сесија во Талин

Собраниска делегација предводена од Мисовски на Балтичка сесија во Талин

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) - Во рамки на претседавањето на Собранието на Република Северна Македонија со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), делегација предводена од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, учествува на 42. Сесија на Балтичкото собрание и 29. Балтички совет, што се одржуваат на денеска и утре во Талин, Естонија.

Во составот на делегацијата се Мартин Костовски, пратеник и претседавач со Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ и Мики Милковски, заменик-генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија.

На сесијата, на која учествуваат околу 100 претставници од Балтичкото собрание, Балтичкиот совет и меѓународни партнери, се дискутира за економското влијание од руската инвазија на Украина и ефективната и кохерентна цивилна одбрана, преку блиски консултации и координација на балтичките држави.

На отворањето на сесијата, соопштија од собраниската прес-служба, се обратиле: Тимо Суслов, претседател на Балтичкото собрание, Лаури Хусар, претседател на Парламентот на Естонија, Викторија Чмилите-Нилсен, претседателка на Парламентот на Литванија и Антоњина Њенашева, потпретседателка на Парламентот на Латвија.

Во рамки на делот предвиден за обраќања на претставниците на другите меѓународни парламентарни собранија и партнерите, се обратил и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски. Тој ги поздравил учесниците од име на претседателот на ПС на ПСЈИЕ, Талат Џафери и нагласил дека соработката помеѓу ПС на ПСЈИЕ и Балтичкото собрание датира уште од 2015 година. Двете собранија, посочил, се засноваат на столбовите на регионалната сопственост, солидарност и вклученост и промовираат продлабочување на регионалната соработка и зголемување на контактите меѓу парламентите.

Мисовски истакнал дека како единствен регионален форум за соработка кој вклучува 13 земји од Југоисточна Европа, ПСЈИЕ е најсеопфатен формат во регионот за унапредување на добрососедските односи, како и промовирање дијалог и политичка, безбедносна и економска соработка, особено во овие предизвикувачки времиња на руската агресивна војна против Украина.

- Тој се осврна на приоритетите на нашето претседавање со Процесот, како што се: зајакнување на демократијата, фундаменталните права и вредности, владеењето на правото, безбедноста и стабилноста; одбрана на меѓународниот поредок заснован на правила по руската агресија против Украина; зајакнување на помирувањето и градење доверба; забрзана интеграција во ЕУ и спроведување на ЦОР во ЈИЕ во согласност со Стратегијата на ЈИЕ 2030; заедничко градење на трансевропски транспортни коридори; инвестирање во одржливи мрежи за интерконекција и стимулирање на одржлив и одговорен туризам и културни размени; справување со предизвиците со климатските промени и др, се наведува во соопштението.

Слоганот „Премостување на поделбите, Градење доверба“, се подвлекува во соопштението од собраниската прес-служба, е избран за мото на претседавањето на Северна Македонија со цел за навраќање на принципите вградени во основните документи на ПСЈИЕ, а тоа се: добрососедските односи, стабилноста, безбедноста и соработката во Југосточна Европа, како и стремежот за интегрирање на нашите земји во евроатлантското семејство на слободни и демократски народи.

Нагласувајќи дека приоритетите на Претседателството на ПСЈИЕ во голема мера се совпаѓаат со приоритетите на естонското претседателство со Балтичкото собрание и Балтичкиот совет на министри, Мисовски се заложил за натамошно унапредување и продлабочување на соработката помеѓу двете парламентарни собранија, особено во областите од заемен интерес.

Тој ги поканил претставниците на Балтичкото собрание да учествуваат на Пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи следната пролет во Северна Македонија.

Се очекува на сесијата на Балтичкото собрание да бидат усвоени Резолуција и Финален документ, како и да биде потпишана Заедничка изјава на Балтичкиот совет. цр/дма/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан