• понеделник, 23 декември 2024

Собранието ќе расправа за предлогот Ристо Пенов да биде министер за локална самоуправа

Собранието ќе расправа за предлогот Ристо Пенов да биде министер за локална самоуправа
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја продолжи 88. седница, на која пратениците ќе дискутираат за предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа. Пенов е предложен за ова министерско место откако досегашниот министер за локална самоуправа Горан Милевски на 20 септември годинава поднесе оставка од функцијата од лични причини. Оставката на Милевски беше констатирана на вчерашната пленарна седница. На денешното продолжение на 88. пленарна седница, пратениците меѓу другото ќе дискутираат и за предлозите за избор на судии на Уставниот суд, како и за Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Пратениците вчера едногласно дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозицијата. Од присутните 84 пратеници, сите гласаа „за“. Немаше ниту еден против или воздржан. Собранието, исто така едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, даде поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од владејачките партии. дма/бак/

Остани поврзан