• петок, 05 декември 2025

Собранието ќе продолжи со 59. седница по паузата

Собранието ќе продолжи со 59. седница по паузата

Скопје, 9 јули 2025 (МИА) - Собранието денеска треба да работи по 59. седница на која како прва точка на дневниот ред е интерпелацијата за работата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, поднесена од пратеничката група на Европски фронт. На барање на пратеникот Сашко Јанчев од Левица, на самиот почеток од седницата беше дадена пауза од еден час.

На почетокот од 59. седница на Собранието Јанчев се обрати процедурално, посочувајќи дека од јануари е поднесено пратеничко барање од пратеничката Јована Мојсоска, со кое се бараат информации за исплатени суми за кирии и патни трошоци на пратеници за 2024 година. Според Јанчев, и покрај тоа што информациите се од јавен карактер, одговори сè уште не добиле поради што најави дека Левица ќе бара интерпелација за спикерот на Парламентот, Африм Гаши.

-Најавувам нова интерпелација за претседателот на Собранието, затоа што негова надлежнсот е да му дава задачи на генералниот секретар, рече тој.

На 59. седница предложени се 31 точка меѓу кои и Предлогот за изборот на член на Комитетот за односи меѓу заедниците, од редот на Ромската заедница, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор, во второ читање, Предлог на законот за административни службеници, Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници во второ читање, Предлог на законот за изменување на Законот за работните односи, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

По скратена постапка се поднесени Предлог на законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Предлог на законот за изменување на Законот за воздухопловство.ар/вг/


Фото:МИА архива 

 

Остани поврзан