• понеделник, 25 ноември 2024

Собранието го донесе Законот за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој

Собранието го донесе Законот за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој
Скопје, 13 октомври 2020 (МИА) - Со 52 гласа „за“, 17 „против“ и ниту еден воздржан, Собранието вечерва го донесе Закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со Ковид-19. Според предлагачот на законот, Министерството за финансии, заемот има за цел спречување, откривање и одговор на заканата од коронавирусот COVID-19, како и зајакнување на националните системи за подготвеност на јавното здравство во државата. Вкупната вредност на проектот изнесува 90 милиони евра. За пратениците од опозицијата, со овој заем земјата ќе се втурне во ново задолжување на товар на граѓаните и не е јасно за што точно ќе се потрошат парите. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Христова се задржа на делот од Проектот, со кој се предвидени средства за нови вработувања во здравството, но, според неа, младите лекари заминуваат во Германија, а Владата треба да размислува како да ги задржи оние кои веќе се вработени. - Сте предвиделе средства за обука на медицински персонал. По осум месеци присуство на Ковид-19, јас мислам дека на медицинските лица не им треба обука, туку одмор и пред сè, мотивација и награда. Потребно им е некој во државата да почне да мисли на нив, рече Христова. Нејзиниот сопартиец Игор Здравковски забележа дека ваков заем земале 100 држави, меѓу кои 38 африкански земји, поранешни советски републики, земји од централна Америка и голем дел од држави од југоисточна Азија. - Се ставаме во куп со овие држави, а се стремиме кон ЕУ, не гледам која е нашата европска перспектива, рече Здарвсковски, кој додаде дека од регионот заем земале само Косово, Србија, Албанија и БиХ. На забелешката на неколку пратеници од опозицијата дека не е јасно за што точно ќе се трошат парите и зошто се предвидени 10 милиони евра за Фондот за здравство, дали тоа е да се покрие дупката направена од претходниот негов директор, заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски објасни дека распределбата на парите ќе се прави од Единицата за имплементација, која ќе функционира во рамките на Министерството за труд и социјална политика. Тој потенцира дека таа единица ќе работи според принципите и системот на Светска банка, а потоа сето она што ќе се набави ќе подлежи на ревизија. - Сите набавки кои ќе бидат направени на материјални добра, за градежни работи и друго ќе поминат низ процедурите на Светска банка, рече Ковачевски. ир/сп/

Остани поврзан