• петок, 22 ноември 2024

Снопче: Во европското семејство не примаат земји со двојна правда кои вршат дискриминација

Снопче: Во европското семејство не примаат земји со двојна правда кои вршат дискриминација
Скопје, 14 април 2022 (MIA) - Во нашата земја постои двојна правда која што ја применуваат партизираното и корумпирано Oбвинителство и судство и која на граѓаните им носи неправда и им ја поткопува перспективата, па оттаму доаѓа и вистинското вето за членството во европското семејство, каде не се примаат земји со двојна правда и кои прават разлики и вршат дискриминации и во вакви трагедии, истакна на денешната прес-конференција во Собранието, пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче. - Денеска сме тука да осудиме уште еден многу тежок скандал на правдата во земјата кој што се однесува на грозоморното убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот. За жал, обидите за да се одбранат напаѓачите започнаа во Министерството за внатрешни работи, првично негирајќи го фактот дека имало насилство, за сега Обвинителството да продолжи со ублажување на кривичното дело, а со тоа и на казната што треба да ја добијат напаѓачите, изјави Снопче. Сите знаете, рече тој,  дека во правдата важна улога игра судската практика како механизам за спроведување на квалитетот на правдата. - Последната трагедија е слична со онаа на младиот Никола Саздовски, дури и според описот на случајот од страна на Обвинителството се забележува дека двата случаи се идентични - физичко насилство, удирање по глава со тврд предмет што резултирало со смрт. Но, помеѓу двата случаи постои една голема разлика, во случајот Саздовски Обвинителството поднесе обвинение за кривично дело убиство според членот 123 точка 2 став 1, кој предвидува минимална казна од 10 години затвор или доживотен затвор, а епилогот го знаете сите. Истото Обвинителството последниот случај го квалификува врз основа на член 123 точка 1 каде казната е половина помала и предвидува најмалку пет години затвор. Го прашуваме Обвинителството што се промени во овие два случаи кога сите околности и дејствија се исти? Дали животот на еден Хрват е помалку вреден од оној на еден Македонец или можеби се смени фактот дека во последниот случај напаѓачи беа Македонци, а во случајот на Саздовски беа Албанци. Оваа е таа двојна правда во нашата земја која што ја применуваат партизираното и корумпирано Обвинителство и судство, која на граѓаните им носи неправда и им ја поткопува перспективата, рече пратеникот на Алијансата за Албанците. На новинарско прашање во врска со вчера објавениот Извештај на Стејт департаментот за нашата земја, Снопче истакна дека тој го содржи она што го кажуваат од неговата партија, освен што, како што рече, користат други зборови. Ние, додаде тој, тоа го кажавме малку подиректно, а тие во Извешајот „малку покултурно“. - Инсталирањето на правната држава не е патека поплочена со цвеќиња што може да се помине само за лично задоволство, со празни зборови и ветувања, со неосновани обвинувања, како што направи лидерот на ДУИ, кој не обвини дека вршиме притисок врз судството и судиите поради завчерашната прес-конференција. Инсталирањето на правната држава е трнлив пат, бара храброст и бескомпромисна борба против корупцијата, непотизмот, протекционизмот и партизацијата. Кај нас ова недостасува. Што да се каже сега? Али Ахмети повторно ќе излезе да каже дека САД вршат притисок врз судството, како што тоа го прави со Алијансата за Албанците?, рече Снопче. фф/сп/

Остани поврзан