• петок, 20 декември 2024

Снегот предизвика застои во воздушниот и патниот сообраќај во Белгија 

Снегот предизвика застои во воздушниот и патниот сообраќај во Белгија 

Брисел, 17 јануари 2023 (МИА) – Белгија од претпладнево е зафатена од снежни врнежи кои предизвикаа застои во воздушниот и копнениот сообраќај, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Белгискиот Кралски метеоролошки институт прогласи „црвен“ метео аларм во југоисточните делови на Белгија, „портокалов“ во остатокот од јужниот регион Валонија и „жолт“ во северните области на земјата, кои ќе траат до утре претпладне. 

Институтот препорача „максимално ограничување на патувањата“ поради појавата на кашест снег на патиштата, нагласувајќи дека во одделни делови на југоистокот на Белгија можно е да се формира снежна покривка со дебелина од 25 до 30 сантиметри. Во останатите делови на Валонија се очекува снежна покривка од три до осум сантиметри, а во реонот на Брисел и во Фландрија меѓу еден и пет сантиметри. 

Снегот засега предизвикува проблеми во одвивањето на сообраќајот на патните правци кон белгиската граница со Холандија и Германија. 

Поради снегот во Германија, откажани се летовите од Франкфурт и Минхен кон Брисел, додека на бриселските аеродроми авиосообраќајот се одвива „релативно нормално“ со извесни застои и доцнења. 

Портпаролката на Меѓународниот аеродорм во Брисел, Исан Шива Лекли за „Соар“ изјави дека нивните тимови интервенираат за расчистување на снегот од пистите. 

- Доколку се формира слој снег, тие веднаш го расчистуваат, нагласи Лекли, советувајќи ги патниците, сепак, пред поаѓање да го проверат статусот на нивните летови на веб-страницата на аеродормот. 

Поради снегот одложен се и два натпревари од четвртфиналето на Белгискиот фудбалски куп предвидени за денеска и се презакажани за в недела. 

Според метеоролозите, до крајот на денот се очекува снежните врнежи да бидат умерени, а во некои делови на Белгија да преминат и во дожд, иако не е исклучена и можноста за појава на смрзнат дожд. Се очекува максималните температури да се движат во интервал меѓу минус еден и два степени Целзисуови.  

За утре се очекува врнежите да преминат во дожд, при што најобилни ќе бидат во крајните јужните региони на Белгија, каде се очекува да наврнат меѓу 30 до 40 милиметри. сп/

Фото: МИА/Икс

Остани поврзан