• петок, 22 ноември 2024

СМО: Ел Нињо годинава ќе се претвори во Ла Ниња

СМО: Ел Нињо годинава ќе се претвори во Ла Ниња

Лондон, 3 јуни 2024 (МИА) - Временската појава Ел Нињо, која може да предизвика екстремни услови, како што се шумски пожари и тропски циклони, се очекува во текот на оваа година да се претвори во генерално посвежи услови на Ла Ниња, соопшти денеска Светската метеоролошка организација (СМО).

Ел Нињо е природен временски феномен поврзан со нарушување на шемите на ветерот што значи потопли температури на површината на океаните во источниот и централниот дел на Тихиот Океан, а Ла Ниња носи пониски температури во Тихиот Океан околу екваторот и е поврзан со поплави и суши.

СМО објави дека има 60 отсто шанси условите во Ла Ниња да се појават помеѓу јули и септември и 70 отсто шанса помеѓу август и ноември.

-Крајот на Ел Нињо не значи пауза во долгорочните климатски промени кои нашата планета ќе продолжи да ги доживува поради стакленички гасови, изјави Ко Барет, заменик генерален секретар на организацијата.

Екстремно високите температури на површината на морето ќе продолжат да играат важна улога во наредните месеци.

Изминатите девет години беа најтоплите досега, и покрај постуденото влијание на Ла Ниња кое траеше од 2020 до почетокот на 2023 година, соопшти СМО.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан