• понеделник, 23 декември 2024

Случајот ,,Титаник" продолжи со сослушување сведоци

Случајот ,,Титаник
Скопје, 17 мај 2021 (МИА) - Поранешен вработен во НЛБ Тутунска банка, кој од 2011 до 2013 година работел во филијалата во дирекција, денеска беше сослушан како сведокот во случајот ,,Титаник". Тој пред судот посочи дека често се случувало едно физичко лице да уплати парични средства за повеќе физички лица. - Парите беа уплатени како донација, на име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Лице по име Далибор, доаѓаше неколку пати и носеше налози. За парични средства над 1.5 милиони денари се правеше копија на лична карта, изјави поранешниот вработен во Тутунска банка, кој додаде до 60 илјади денари средствата се уплаќа готовински, односно над 60 илјади денари вирмански. Согласно процедурите сведокот наведе дека се било законски. Член на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, во својство на сведок кажа дека тој лично уплатил средства како донација во ОК на партијата и исто така потпишал уплатница. Вработена во СВР Скопје, при нејзиното сведочење во Кривичниот суд, изјави дека таа лично не донирала парични средства како донација за некоја политичка партија. Судењето за овој предмет го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова. Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. оџ/дма/

Остани поврзан