• недела, 22 декември 2024

Словенечкиот писател Драго Јанчар добитник на наградата „Прозарт“

Словенечкиот писател Драго Јанчар добитник на наградата „Прозарт“

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 11. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на словенечкиот писател Драго Јанчар.

Одлуката ја донесе жири во состав Ермис Лафазановски, претседател, и Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови. 

-Станува збор за автор со изострен нерв за современо раскажување и писателска моќ во коишто слика оригинални страници во словенечката и балканската проза. Неговите прозни дела во современата балканска и европска литература се наметнуваат како силен потенцијал во разоткривањето нови стратегии и можности на прозното писмо, наведува жирито во образложението за доделување на наградата.

Организаторот на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ посочува дека Драго Јанчар, како романсиер, раскажувач, драматург и есеист, е централна фигура во современата словенечка литература.

-Неговите романи, есеи и раскази се преведени на 33 јазика и објавени во Европа, Азија и САД. Додека неговите драми, поставени од голем број странски театри, дома се сметаат за најважни настани во словенечката театарска сезона. Јанчар има добиено голем број словенечки и меѓународни книжевни награди, вклучувајќи ја „Прешерновата награда“, највисоката словенечка награда за уметнички достигнувања за 1993 година; четири награди „Кресник“ за најдобар словенечки роман на годината за 1999, 2001, 2011 и 2018 година, како и наградата „Кресник“ за најдобар роман на деценијата во 2020 година; Европската награда за краток расказ, 1994 година; наградата „Хердер“, 2003 година; „Жан Амери“, 2007 година; Европската награда за литература, 2011 година; Наградата за најдобра странска книга, 2014; Австриската државна награда за европска литература, 2020 година и други, се посочува во образложението на жирито за наградата „Прозарт“.

Како што информира издавачката куќа „Прозарт медиа“, која го организира книжевниот фестивал, покрај Јанчар, гости на 11. „ПРО-ЗА Балкан“ ќе бидат и: Владимир Левчев од Бугарија, Тарик Туфан од Турција, Даница Вукичевиќ и Слободан Шијан од Србија, Ренато баретиќ од Хрватска и нашата писателка Снежана Младеновска-Анѓелков.

Во рамките на ПРО-ЗА Балкан, годинава се одржува 10. програма „Скопје фелоушип“ која е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“. Се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија и е кофинансиранa од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. хс/ев/

Фото: „Прозарт медиа“

 

Остани поврзан