• петок, 22 ноември 2024

Словенечката владејачка коалиција го осуди повикот на опозиционерот Јанша за вооружување на народот

Словенечката владејачка коалиција  го осуди повикот на опозиционерот Јанша за вооружување на народот

Љубљана, 24 октомври 2023 (МИА) - Владејачката коалиција во Словенија денеска остро го осуди повикот на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша за вооружување на луѓето, по пропалестинскиот митинг што се одржа во четвртокот во Љубљана.

Лидерите на партиите од владејачката коалиција го нарекоа неговиот повик „целосно неодговорен“, пренесе агенцијата СТА.

Тие во заедничко соопштение наведуваат дека и поканата на поранешниот премиер, лидер на опозициската Словенечка демократска партија (СДС) е во спротивност со напорите на меѓународната заедница.

Јанша претходно на платформата Х по пропалестинскиот митинг напиша: „Работите стануваат сериозни. Вооружете се, легално“.

Лидерите на владејачката коалиција денеска порачаа дека Словенија е демократска земја, што се темели на владеење на правото и со силни институции во служба на редот и безбедноста.

„Безбедноста на луѓето е на прво место, затоа Владата е активна во следење на состојбите и преземање на сите неопходни мерки. Го осудуваме ширењето на паника, омраза и популизам и го отфрламе повикот на вооружување. Ваквите повици се спротивни на модерната и демократска Словенија и не се во духот на Европа заснована на солидарност“, соопштија од коалицијата.

И словенечката претседателка, Наташа Пирц Мусар, исто така, го осуди повикот на Јанша за оружје, изјавувајќи дека таквите изјави треба да се третираат многу сериозно. сд/

фото: МИА архива 

Остани поврзан