• петок, 22 ноември 2024

Следната германска влада ќе се соочи со три големи економски предизвици

Следната германска влада ќе се соочи со три големи економски предизвици
7 октомври 2021 Ројтерс, Лондон
Канцеларката Ангела Меркел ја предводеше Германија низ многу кризи во изминатите 16 години, но исто така остави контроверзно наследство и неуспех во справувањето со некои од длабоките структурни проблеми во најголемата европска економија. И покрај „златната деценија“ на постојан раст и буџетски суфицити, повеќето економисти веруваат дека Германија ја занемари својата јавна инфраструктура и премалку инвестираше во дигитализација. Институтот „Ифо“ предвидува дека економијата ќе порасне за неверојатни 5,1 проценти во 2022 година, што е најбрзата стапка на економски бум во раните 1990 -ти години од германското обединување. Изгледите за невообичаено висок раст главно се должат на закрепнување и надминување на последиците од пандемијата на Ковид-19. Но, под сјајната површина, работите не изгледаат толку гламурозно. Ако Германија сака да избегне натамошно заостанување во следните неколку години, коалициската влада што доаѓа ќе мора да се справи со следните три предизвици: Дигитализација За време на Меркел, Германија продолжи да заостанува во дигитализацијата. Ова се заклучоците од извештајот на Европскиот центар за дигитална конкурентност со седиште во Берлин, објавен во септември, непосредно пред изборите. Германија е рангирана на 18 -то место во групата на дваесетте најразвиени и најбрзорастечки земји (Г20), а само Јапонија и Индија се полоши. Целта на Владата да понуди брз интернет преку национална мрежа е далеку од постигната. Се уште има премалку оптички кабли, особено во руралните области. Германија, исто така, заостанува во проширувањето на мобилната комуникација 5Г, што ги отежнува малите и средните претпријатија во некои региони. Конечно: на земјата и недостигаат ИТ специјалисти. Според здружението на асоцијацијата „Битком“, во моментов има 86.000 слободни работни места за ИТ експерти. Седум од десет компании се жалат на недостиг на ИТ специјалисти, а 60 проценти очекуваат ситуацијата да се влоши во наредните години, велат од „Битком“. Недостиг на чипови Моќната германска автомобилска индустрија се бори да го зголеми производството по кризата со коронавирус поради недостиг на полупроводници и други компоненти. Производителите на автомобили и добавувачите се потпираат релиси целосано на чипови од неколку компании во Азија и САД, а прекините во синџирот на снабдување ја открија Ахиловата пета на бизнис моделот „Дојчланд АГ“. Додека Германија се искачуваше вртоглаво на грбот на глобализацијата, глобалниот синџир на снабдување кој моќно ја напојуваше нејзината економија сега се покажа како критична слабост. Рекордни 77,4 проценти од компаниите соопштуваат дека имаат потешкотии да најдат продукти и суровини во септември, се наведува во студијата на институтот „Ифо“. Меѓу автомобилските компании, овој удел достигнува невидени 97 проценти. Недостигот на микрочипови и други производствени компоненти оваа година го попречува економското закрепнување, што ги натера бизнисмените и лидерите на политиките да ги преиспитаат синџирите за снабдување и да се обидат да ја намалат зависноста од неколку добавувачи во Азија и САД. Бидејќи глобалниот капацитет за производство на полупроводници е целосно исполнет, не може да се очекува значително зголемување на производството во блиска иднина, а експертите предвидуваат дека недостигот ќе продолжи и следната година. Германија и Франција, заедно со Европската комисија, сакаат да внесат милијарди евра во шеми за државна помош за изградба на локални фабрики за чипови и развој на полупроводници од следната генерација. Застарено општество Германија старее по децении на релативно низок наталитет и нерамномерна имиграција. Соочена со стареењето на населението и намалената работна сила, Меркел во голема мера ги игнорираше повиците да се направи повеќе за реформирање на јавниот пензиски систем и правилата за имиграција да бидат пофлексибилни. Според постојните правила, воведени во 2006 година за време на првата коалициска влада на Меркел, возраста на која Германците можат да добијат целосна државна пензија без кратења постепено се зголемува од 65 на 67 години во 2031 година. Комисијата на економски советници на Владата препорача зголемување на старосната граница на 68 години до 2042 година. Но, тоа беше одбиено од министерот за финансии во заминување Олаф Шолц, кој е фаворит да ја преземе функцијата канцелар на Меркел по победата на социјалдемократите на изборите. Според Институтот за светска економија, Германија ќе го достигне врвот на вработување во 2023 година со речиси 46 милиони работници. Тогаш се претпоставува дека повеќе луѓе ќе го напуштат пазарот на труд отколку што ќе се приклучат на него. Ова значи дека по 2026 година, Германија ќе губи околу 130.000 луѓе на работоспособна возраст секоја година. Намалувањето на работната сила може да ги ограничи можностите за зголемување на продуктивноста - со нормален капацитет на апсорпција - до под 0,9 проценти до крајот на 2026 година, што е многу под долгорочниот просек од 1,4 проценти. Експертите велат дека ситуацијата може да се ублажи преку повисока имиграција, подобра грижа за децата со цел да се зголеми учеството на родителите на пазарот на трудот, а исто така и преку воведување пофлексибилни модели на работно време за да се зачуваат што е можно подолго на работа постарите лица. паг/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан