• четврток, 04 декември 2025

Славески: Правичен однос кон граѓаните и фирмите во платниот промет е минимумот што го очекуваме

Славески: Правичен однос кон граѓаните и фирмите во платниот промет е минимумот што го очекуваме

Скопје, 8 август 2025 (МИА) – „Банките се чувари на нашите плати, пензии, примањата по други основи, како и на нашите заштеди. Воедно, ние сме и нивни кредитори,“ порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во објава на социјалната мрежа „X”.

Тој посочи дека банките, позајмувајќи средства од граѓаните и претпријатијата – најчесто со нула или минимален трошок – обезбедуваат значителен обем на средства за одржување на својата ликвидност. „Затоа, правичен однос кон граѓаните и фирмите во платниот промет е минимумот што го очекуваме,“ истакна Славески.

Гувернерот се осврна и на платежната сметка со основни функции, која според него треба да стане навистина функционална и достапна за пошироката јавност. Со предлог-измените на Народната банка, граѓаните ќе добијат пристап до мобилно банкарство, дебитна картичка, подигнување готовина и електронски трансакции за месечен надомест од 36 денари, а за ранливите категории – бесплатно.

„Само 140 граѓани досега ја користат платежната сметка со основни функции, а причината се ограничувањата,“ вели Славески. Затоа, Народната банка предлага законски измени кои ќе ја направат оваа сметка достапна, практична и исплатлива за илјадници луѓе во земјата.

Меѓу новините е можноста граѓаните да користат дозволено пречекорување преку платежната сметка со основни функции, како и да ја отворат без да ги затворат постојните сметки во други банки.

-Целта е јасна – вистинска финансиска вклученост за сите, порача гувернерот Славески. дма/вј/

 

https://x.com/TSlaveski/status/1953719126850945511?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1953719126850945511%7Ctwgr%5E78d5eada7acf8d598c94eda1608d0b53cffa4b74%7Ctwcon%5Es1_c10&ref_url=https%3A%2F%2Fpublish.twitter.com%2F%3Furl%3Dhttps%3A%2F%2Ftwitter.com%2FTSlaveski%2Fstatus%2F1953719126850945511

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан